Примери на здраво однесување што луѓето и понатаму го презираат

Колку пати сте биле предмет на мајтап кога ќе кажете „не пијам алкохол“? Или дека сакате да чистите? Некои работи се всушност здрави одлуки за човекот што ги прави, но сепак налетуваат на необјасниво незадоволство кај другите.

Од Базфид си ја прашуваат заедницата, да споделат вакви, во најмала рака, непријатни искуства:

1. Прво што ми паѓа на памет е „зошто немам деца“. Јас и маж ми сакаме деца, но не сакаме да имаме свои. Нонстоп сме под притисок - некогаш и од сосема непознати луѓе - да имаме деца без разлика на тоа што ние си знаеме што е добро за нас. Зошто сакате луѓе што не сакаат да имаат деца - да имаат?!

2. Дека не пијам на дејт. Неодамна малку се разболев и не ми беше дозволено да пијам алкохол некое време. Се обидував да излегувам со луѓе и ме игнорираа откако ќе кажев дека сакам да се најдеме, ама не можам да пијам алкохол во моментов.

3. Сфатив дека воопшто не сакам гужви, пиење, седење до доцна и сега сум била „многу досадна“ и друштвото мисли дека сум во депресија. Ова е многу поздрава опција за мене и многу сум посреќна. Но, бидејќи не одам по журки, нешто мора да не е во ред со мене.

4. Неодамна престанав да се шминкам. Од опсесивно шминкање секој ден со години, до шминкање само на дејт и на поважни настани. Престанав и да се фарбам - излезе дека природната боја на косата ми е убава. Луѓето ми велат дека сум се запуштила и дека не се грижам за себе. А јас сега имам поеќе самодоверба затоа што повеќе си се допаѓам без слоеви пудра и фарба за коса.

5. Тоа што сум отворен за менталното здравје - не барам внимание, само објаснувам зошто можеби се однесувам непријателски или чудно.

6. Изгубив пријател затоа што одвоив една недела да се фокусирам на себе и син ми. Без пораки, без социјални мрежи, едноставно пауза од срања, затоа што менталното здравје ми се влоши и сакав да се соберам и да се фокусирам на најважното.

7. Кога ќе ме прашаат „Како е можно да си сингл?“ Можеби се кажува како комплимент, но двосмислен е. Затоа што дел од тебе се прашува на кој начин ова, навидум совршено суштество е расипано. Верувале или не, многу луѓе бираат да бидат сами, наместо во ужасни врски.

8. Одбивање диети. И да биде појасно, не одбивање да јадеш поздраво или да вежбаш, туку да одбиваш сè што наметнува индустријата на диети која се храни со човечката несигурност и шири изместени и погрешни информации за исхраната.

9. Во ред е да не ти се допаѓа популарна книга, филм, ТВ-драма, бенд или игра, но има луѓе што те ругаат за тоа. Ваквите луѓе мораат да сфатат дека ако некој не сака или не ужива во нешто што ти го сакаш, тоа нема врска со твојот вкус.

10. Ме нервира кога луѓето ме зезаат дека сакам сè да ми е чисто и средено. Имам среќа да можам да одвојам макар 30 минути за да исчистам. Не треба да трпам ругање за тоа.

11. Мажи што плачат. И мажите смеат да го изразат бесот преку солзи. Тоа им го продолжува животот.

И да додадеме, кога сте мета на мајтап затоа што не ви се ризикува дружење во големи групи заради Ковид. Во ред е да одлучиш дека не ти е страв и дека ќе се опуштиш. Не е во ред кога некој што сè уште се плаши или сака да ги заштити најблиските мора да те трпи дека е „глуп што пропушта“.

Држете се си се до одлуките што се добри за вас, другите нека тераат.

10 јануари 2022 - 11:43