Машките писатели и нејзиното височество - цицката

Меѓу мажите, како род необјасниво опседнат со цицки, има и такви што се фатиле за благородната професија - писател, па може ќе си речете, интелектуалци се, не е можно да се пореметуваат така лесно од овој тотално секојдневен дел од телото. И ќе се излажете дебело.

Книжевниот свет сѐ уште трпи писатели што творат како да немале жена, не прозбореле со жена и не сретнале жена, па според тоа, не виделе ни женски гради. Ваквите луѓе тоа не ги спречува да се расфрлаат со описи токму на овој дел од женското тело, а некои не се ограничуваат таму - знаат и за стареењето кај жените, знаат и како размислуваат, а богами знаат и како татко размислува за ќерка.

Земете си кеса за повраќање и да почнеме.

Пријатна за гледање:
„Ќе седам во хотелската соба,“ рече тој, „и ќе го гледам Бастер Френдли на ТВ. Гостинка последниве три дена му е Аманда Вернер. Ми се допаѓа: би можел да ја гледам до крајот на животот. Има гради што се смеат.“

Градите секогаш така прават:
„Ноел превртува со очите. Мислам дека и градите ѝ се превртуваат во синхронизација со нив. Женските гради се толку неверојатни.“

И градите чувствуваат:
„Таа заканувачки стана и се придвижи низ ресторанот, како воен брод што трга во акција. Нејзините големи гради, кои никогаш не доеле, безмилосно сочувствуваа.“

Или нема ќерка, или ако има, треба да го викнат на информативен разговор:
„Линда, неговата четиринаесетгодишна ќерка, во тој момент излегуваше низ вратата во една кокетна сукња, мавтајќи со опавчето, кое утрово беше врзано со секси, кадифена машна.“

Ах, тоа непостоечко неносење прслук на големи гради, барем во книга ќе си го имаме:
„Нејзините гради беа огромни и очигледно не носеше градник. Брадавиците ја поткреваа свилата во меко осенчени врвови, а кога одеше, потскокнувањето на секоја града беше доволно да стиши секаков разговор, па дури и неколкуте верни вашингтонски сопрузи да погледнат преку рамото.“

Жените, се разбира, врвот го достигнуваат на свои 19, па овој автор сакал да каже дека не е вообичаено остарена и распадната како некои други 36-годишни:
„Мадам Дангларс, чија убавина беше исклучителна и покрај нејзините 36 години…“

Еве овој знае да пишува, затоа што има зборено со жена во животот. Со мајка му:
„…Ен сѐ уште се држеше за теоријата дека ниедна жена не може да биде силувана или речиси силувана, ако сама не си го бара.“

И од истиот кретен:
„Ниедна жена не ужива во виснати гради и испакнат стомак, колку и да ѝ е силен мајчинскиот нагон. Добар изглед е добар изглед кај жените, а малку работи изгледаат добро кај бремена жена.“

Како да познаеш дека никогаш не пипнал жена:
„Се борев со нагонот да паднам на колена пред неа, да го ставам лицето меѓу нејзините гради и да направам блаби, блаби, блаби. Кога ми понуди да седнам, толку ми беше дигнат што ме болеше седнувањето.“

Како мислиш, језив сум?
„Разговараше со адолесцентно девојче на возраст кога изгледаат премногу заоблено за нивни години, со женски гради и колкови, но со лице на дете.“

Кутриња:
„…полни гради кои видливо се двоеја кај градната коска, како две кутриња што го влечат каишот во два спротивни правци.“

Сепак, се работи за професија каде што треба да си мајстор со зборови:
„…Беше наведната, со градите насочени кон подот, а рацете ѝ висеа покрај телото. Личеше на мајмун. Очите ѝ беа сјајни и празни.“

Зошто не му враќа на месинџер, зошто ниедна не му се јавува, зошто го избегаваат:
„Зјапаше директно во мене и го кажа тоа како студенткине од типот: Згодна сум и кул и гајле ми е, ама сигурно сум била сексуално злоупотребена како тинејџерка, па секогаш сум дефанзивна и напаѓам други, пред тие мене да ме нападнат.“

Не ги плашете:
„…сакаше да ги покрие своите преплашени гради, кога…“

Веќе се со свој ум:
„Нејзините големи гради затреперија благодарно.“

Коса за курва:
„Струкот ѝ беше мал, а градите полни и горди. Лицето интелигентно. Косата руса и долга. Курвинска коса, помисли тој од некоја причина. Кога ѝ го кажа тоа - едноставно му излета, па мислеше дека ќе се налути, но таа воопшто не одговори. Си помисли дека потајно ѝ ласка…“

Не можеш ти да го блокираш од животот толку за „курвинска коса“, колку што он може да си напише книга со жена што ќе биде поласкана од тој коментар.

И никако да не заборавиме: Ако жените пишуваа за мажи како што мажите пишуваат за жени

7 јуни 2021 - 00:00