Ќе добиеме серија за потеклото на Пенивајс

Обновувањето на филмовите „Тоа“ го врати Пенивајс во мода, а со тоа и желбата на луѓето да дознаваат уште повеќе детали за приказната.

Старите и новите филмови, адаптации на истоимената книга на Стивен Кинг, следат група љубопитни деца од предградие (Стивен Кинг многу сака приказни со деца) што паѓаат во канџите на кловнот-убиец Пенивајс. Новите филмови излегоа во 2017 и 2019 и заработија над милијарда долари на бокс-офис. Сега ХБО Макс ќе работи на серија за кловнот и ќе ни раскаже како дошол до ситуација да лови деца од шахта.

Приказната ќе биде сместена во ‘60-те, кратко пред настаните во „Тоа: Прво поглавје“. Насловот е пријатен: „Добредојдовте во Дери“.

Ова е само уште една во долгата низа приказни за потеклото/продолженија/спинофи на кои работи Ворнер Брос. Во моментов чекаме филм за потеклото на Вили Вонка со Тимоти Шаламе, има гласини дека ќе гледаме како почнал Пингвинот од Бетмен (оној на Колин Фарел), па спиноф на „Дина“ и слични други работи затоа што Холивуд го мрзи да измислува нови приказни.

„Добредојдовте во Дери“ е сè уште во рана фаза и сѐ уште нема информации кога и каде ќе почне да се снима.

16 ноември 2022 - 00:01