Имате ли вие „фиока за лош ден”?

Би му дошло како „виртуелен или физички простор, каде што ги чувате сите работи што би можеле да ви разубават лош ден.”

Всушност, оригиналот е shelf, а ‘фиока’ е слободен превод, и тоа, во оригинал го сретнав како mental health shelf, што супер го заокружува концептот - полица за ментално здравје, полица за чување памет, еден вид кутија со прва помош кога си депресивен, тажен, бесен и други слични ментални неприлики што може да ти ги приреди денешниот свет.

Што се чува таму?

Главно книги, филмови, серии, чаеви, а ако навлеземе и во концептот како ментален простор, тогаш и активности, разговори, луѓе и приказни.

Идејата ја најдов на еден блог, каде што, авторката на текстот ја опишува нејзината кутија за чување памет:

Heartburn од Нора Ефрон

Затоа што, ако таа може да направи комедија од сопствениот развод, тогаш и читателот може да го надмине тоа што успеало да му го уништи денот, неделата или месецот.

The Collected Stories of Lydia Davis од Лидија Дејвис

Затоа што нејзините приказни го смалуваат притисокот како што може тоа да го направи разговор со мајка.

Озборувачка

Да, серијата, затоа што кога и да гледа епизода, без разлика што ликовите изгледаат совршено, застрашувачки се богати и главно не се пронаоѓаш во нив, нивните животи имаат уникатни предизвици со кои обичниот свет не се соочува. И токму проблемите на обичните луѓе заради нив изгледаат помали.

How Should a Person Be? од Шила Хети

Книга заради која се чувствуваш помалку сам.

Сто години самотија од Габриел Гарсија Маркез

Затоа што често се навраќаш на неа, без да бидеш сигурен дали ќе ја разбереш до крај, но токму тоа те влече назад. Секогаш има нешто спектакуларно што не си го забележал.

The Princess Diaries

Некои работи во животот се едноставни, а тие се главно да ја гледаш Ен Хатавеј во младоста како станува принцеза. И сега го има на Нетфликс, плус.

Што има во вашата фиока?

22 октомври 2018 - 18:04