Играчки за мозок, или како до инспирација

Што си ветивте за 2018-та? Меѓу сите материјални работи, сите односи со луѓето околу вас и вечното „да вежбам повеќе”, има едно што ви е најважно – инспирација.

Ако се фрли човек на пребарувања по Гугл, ќе излезат неколку илјади книги, стотици статии, мудрости и финти за бранување на тоа што многу често знае да ни фали, особено нам што живееме на место што вака одлучно и ревносно стагнира. Често методите бараат фокус, мотивација и вежбање и дисциплина, и онда ти е веќе досадно. Среќа па, тајната лежи во практични ствари.

На еден Јутјубер, Сајрус Норт му се припишува една изјава што може сте ја прочитале многу одамна, можеби со поинакви зборови, а секако многу добра: не се плашете ако ви е досадно, плашете се да не бидете досадни. Затоа што, досадно е многу добро. Кога ти е досадно, мозокот ти е раат, и може да се фокусира на секакви работи.

А сега, да се фрлиме на практичните работи. Отпрвин може да ви делува како секој список со советчиња како да постигнете инспирација, ама ако размислите подобро, ова се се одлични идеи.

1. Учете нешто ново секој ден

Има календари и книги (од оние што одлично изгледаат во дневна соба, а притоа содржат еден куп мудрости) со слики и цитати од познати личности и тоа не денешниве ужасно напорни познати личности, обожавани од непознати причини, него типови како Оскар Вајлд и Коко Шанел. На секоја страна има информација, муабет, слика, или цитат, и ако решиш секој ден да читаш по еден, што ќе те натера да мислиш на него, да се согласуваш или да не се согласуваш (и да си објасниш зошто) – не може да не ти го заскокотка мозокот. Не мора да биде баш таква книга. Истражувајте на интернет.

Што не носи до следниот инспиративен чекор:

2. Правете случајни истражувања

Фино би било секој ден да учиме за нешто што не би ни текнало сами да го побараме. Некогаш тоа бива случајно, а некогаш, ако си во една ментална жабокречина, треба да направиш напор сам. Отворете книга за дизајн, или атлас, или историја и закачете се за нешто што ве интересира. За тоа нешто, некој кажал умна работа. Гуглајте го човекот. Што кажал друго умно? На кого? Voila. Одличен начин да се излезе од едно-те-истото со кое ни се исполнети деновите.

На пример, мене ми послужи романот што го читам. Внатре имаше опис на Beaux Arts архитектура, која, бидејќи не сум псеудоинтелектуалец да бидам сигурна дека знам што е, морав да се потсетам. Google images ми кажа дека се работи за архитектура со карактеристики кои од секогаш ми биле меѓу поомилените. Само, на кој да му текне да се задлабочи.

Ете.

3. Користете ги рацете

Кога работите со раце, мозокот е присутен, ама малку пораат, па може одма да одлута таму каде што треба. Агата Кристи има смислено многу работи миејќи садови. И не за џабе најдобрите идеи доаѓаат под туш. Затоа што имаш работа, а мозокот оди да си поигра, што е секогаш корисно.

4. Учи трикови од други

Има една книга, Steal Like an Artist или „Кради уметнички” (можеби и „Кради како уметник”) напишана од уметник кој го објаснува процесот на креирање уметност на еден многу фин, пристапен начин – не е тоа секогаш креативен занес и транс, каде што се ваљаш на чаршав и сликаш со твоето голо тело измачкано со боја, или како веќе може да сакаат да го прикажат тоа некои самобендисани луѓе. Од него на пример може да се научи како да се почне, без притисок и без многу претерување, без разлика што сте намислиле да започнете. Не мора да знаеш кој си. Само почни да работиш, па ќе откриеш по пат.

И не е страшно да се почне од почеток. Еве ја, 2018-та, ама не значи дека треба да влегуваме во рудник на кое и да е поле. Само можеме да се потрудиме да бидеме попаметни во врска со себе.

(има и видео од ова)

2 јануари 2018 - 14:46