Холивуд не знае што да ѝ прави на Анџелина Џоли

Отсекогаш била на А-листа. Но, во новиот филм, Those Who Wish Me Dead, се рефлектира импулсот на Холивуд да ги отфрла женските акциони херои штом ќе стигнат до одредена возраст.

На почетокот на акциониот трилер „Тие што ми посакуваат смрт“, ликот на Анџелина Џоли - Хана, е скокач во чад (smoke jumper) - трениран пожарникар кој од горе влегува во шумски пожари - и се разбира, опасна е.

Сепак, само толку возбуда ќе добие во филмот. Базиран е на романот на Мајкл Корита и го режира Тејлор Шеридан, и со него, Џоли се враќа во акциониот жанр после повеќе од 10 години. На прв поглед, филмот се чини како погоден за нејзиното враќање - приказната го следи Конор, дете што бега од убијци, што ја среќава Хана откако ќе биде сведок на убиството на татко му. Хана, сѐ уште истрауматизирана од неуспехот да спречи пожар што убил група луѓе што пешачеле во шума, се заветува дека ќе го доведе до безбедност, пред пожарот да ја збрише шумата. Постерите и трејлерите како да налагаат дека Џоли е ѕвездата на филмот, но наместо тоа, излегува дека е само дел од екипа - за акциона ѕвезда, добива многу малце акција. Другите ликови се тепаат и покажуваат како знаат да преживеат, Џоли главно пешачи или се крие во сенки заедно со нејзиниот мал придружник.

Да се гледа нејзиното враќање на жанрот во оваа фаза (откако главно беше зад камера) е невообичаено. Често ја имаше во вакви филмови порано, но се чинеше дека не се доведува нејзината изведба во центарот на вниманието, колку нејзината способност да продаде карти.

Истовремено, 40-и-кусур годишни актерки ретко водат акциони филмови - иако Џоли е 13 години помлада од Том Круз и 23 од Лиам Нисон. На иста возраст е со Шарлиз Терон, една од ретките жени што успеа да се задржи во жанрот, но сепак ја заменија во продолжението на Мед Макс.

Филмска ѕвезда од калибарот на Анџелина Џоли може да бира проекти, а бидејќи призна дека актерството ѝ станува неудобно, бира внимателно. Во најновиот филм вели дека видела предизвик да игра контра своите мајчински инстинкти.

Филмот можеше да одговара со нејзините способности, но сепак го рефлектира недостатокот на имагинација за постара женска акциона ѕвезда. Приказната на Хана е заморна - жената станува свесна за силата на нејзините мајчински инстинкти, што е повторено безброј пати до сега. Ја кршат и елементите и нејзините непријатели, до степен во една сцена и да ја мачат, како на сценаристите да им требал дополнителен доказ дека е цврста. Креаторите на филмот како да ги слушаат најбазичните продуцентски импулси - насилство ради реда, црно-бела карактеризација и Џоли на грб го носи цел филм, што без неа веројатно ќе беше осуден на пропаст.

Со засенувањето на Џоли, Филмот го прави она што Холивуд отсекогаш ѝ го правел: се сомневал во нејзините способности. За разлика од нејзините колеги, таа инспирира една посебна недоверба во однос на нејзиниот имиџ и кариера: дали е здрава, дали е добар пример, дали треба да се смета за филмска ѕвезда. Јавноста гледа камелеон и контроверзна селебрити-фаца, старлета со шишенце крв околу врат претворена во добитничка на Оскар, претворена во швалерка, претворена во сериозен филмски создавач, претворена во глобален хуманитарец. И иако постојано докажува дека е акционен херој, критичарите сепак се прашуваат околу нејзиното совршенство и како тоа придонесува кон веродостојноста на филмот и дали публиката ќе го надмине блескавиот тен и смоуки-шминката.

Последнава деценија, ја користеше својата слава да ги освести луѓето за камбоџанската граѓанска војна, беше ко-автор на книга за права на протест наменета за тинејџери, дури и ги критикуваше Обединетите нации каде што се залага за правата на бегалците. Нема играно заводничка од Солт наваму. Како може нејзиниот изглед сѐ уште да е проблем?

Колку и да е освежително да се гледа Анџелина Џоли во акција, Those Who Wish Me Dead е тивок начин да ѝ се посака добредојде назад.

17 мај 2021 - 13:13