Читањето никогаш не било посекси

Модата е да се интересираш за книжевност. Фала богу, веќе.

Џон Вотерс еднаш кажа: „Ако отидеш кај некој дома и нема книги, не му легнувај со него.“ И во право е, особено ако се земе моменталната состојба на модата предвид. Отсекогаш се гледало на пошироката култура за инспирација, но сега и книгите стануваат статусен симбол. На сончеви денови, парковите се полни со луѓе со книги. Постои нешто што се вика celebrity book styling. И конечно, се препознава дека книгите се маркери на вкус и себеизразување. Да избереш кои книги ќе ги имаш на полица - или на стори на Инстаграм - е како да бираш што ќе носиш. Инстаграм, Тик-Ток и Гудридс се полни со списоци на нешто што се вика hot-girl books. Книгите станаа уште еден начин да презентираме една внимателно оформена верзија на себе преку културата што ја конзумираме.

Ким Џонс на пример, нема проблем да ги вклучи книжевните избори во колекции и во Фенди и во Диор. За машката колекција за есен/зима 22, се инспирираше од Џек Керуак, а за колекција од 2021 од Вирџинја Вулф.

Трендот веќе некое време се гради. Сестрите Хадид ги фотографираа со книги во слободно време од една модна недела, а Њујорк Пост заради тоа ги нарече книгите „секси нов додаток за 2019“. Весникот доби и по некој шамар поради сексистичкото тврдење - го сфатија како алузија дека жените носат книги само за украс.

Во 2020, Каја Гербер отвори литературен клуб, а њуслетерот на Дуа Липа и Лорд често има препораки за читање. Кога ѝ јавиле на Ешли Тисдејл дека ќе ѝ ја снимаат куќата, го пратила маж ѝ да купи 400 книги за да се наполнат полици пред интервјуто. Ја критикуваа и дека ги користи за декорација, но иако идејата е навредлива за некои, за други го прави читањето погламурозно и повозбудливо.

Берлинската уметница Кала Хенкел објави роман „Облеката на другите луѓе“ и веднаш беше категоризиран како hot-girl книга на ТикТок, односно - БукТок. Приказната е за двајца студенти по уметност кои живеат во Берлин во 2009 и приредуваат екстравагантни забави секој викенд. Гардијан го опиша како „многу добар трилер, со јак заплет, облечен во светкав комбинезон.“

Кала вели,

„Мислам дека е културолошка работа да се исмеваш со нештата што им се допаѓаат на младите жени. Мене ме возбудуваат книгите координирани по боја, со наредени сијалички околу кревет и не мислам дека тоа го поништува она што го има во книгите. Ако ништо друго, нè ослободува од успаниот академски елитизам.“

Нејзе ја интересира идејата да се биде писател. „Мислам, авторската фотографија ми е како седам, сериозна, во градник, пред швајцарско езеро,“ додава на крај.

Да се биде автор често значи да се преземе одредена персона, свесно или несвесно. Тажниот, повлечен писател е толку сериозно клише, што веќе станува баш тоа - една идеја. Многу современи писатели се вклопуваат во таа тропа, пишувајќи тажни, замислени ликови и избегнувајќи јавност. Некои од нив стигнуваат и до трендовски листи, но сепак, постои една желба за повеќе гламур во литературата, макар и се работело само за корица.

Ова се разбира, може да е само најнов тренд во нашата бескрајна потрага по онлајн персона, но може и да е сигнал дека да се биде интелигентен и информиран е поважно од кога и да е. Со сите конфликтни информации на интернет, вртењето кон книгите може да дава чувство на стабилност. Дури и снобовски настроените академици кои може да се навредени од идејата за книги како модни аксесоари имаат читано книги заради мода и валидација. Само затоа што тоа што го читаш изгледа добро на фотографија, не значи дека си преплиток за да ја цениш содржината.

4 јули 2022 - 11:29