Анџела Басет изгледа добро. Точка.

Ова, по повод оние „комплименти“ со опашка: „Изгледаш добро за годините“. Со своите 63 години, Басет знае дека изгледа добро и нема потреба луѓето да ѝ го кажуваат тоа, особено ако го додадат тоа „за годините што ги имаш“ на крај.

Ако се размисли подлабоко, ова клише е дури и скриена навреда. И не било еднаш Басет да реагира. Во 2018, за Алур изјави дека еднаш, жената што ѝ ги полнела кесите во супермаркет ѝ рекла „Изгледаш многу младo“. Наместо да ѝ се заблагодари, Басет се пошегувала со,

„Баш убаво, со оглед на тоа дека имам 80.“

Иако признава дека добро е чувството кога се прашуваат колку години имаш, вели дека вредноста ја бара во нешто многу подлабоко од изгледот. На тоа има и внимавано во текот на кариерата, особено како човек што играл легенди - Роза Паркс, Бети Шабаз, Тина Тарнер и Рамонда, кралицата на Ваканда во „Црниот пантер“.

Совети за подобар физички изглед нема, освен - да си најдеме добар козметичар.

„Сепак, мислам дека многу голем дел од тоа какви сме се наоѓа внатре во нас. Значи ако сте под стрес - се гледа, и тоа на кожата.“

Според неа, што е можно помалку стрес е подобро од било која анти-ејџинг крема на пазарот.

„Одиме напред,“ вели таа, „и 60 е новото 40, или 70 е новото 50. Се поместува границата, но морате да го држите стресот на минимум, а ставот да ви биде опасен.“

Кога ќе ти каже Анџела Басет - слушаш, нема некоја филозофија. 

12 јануари 2022 - 10:51