Германија ги повикува Македонците во Кинотека

ОБЕРХАУЗЕН НА ТУРНЕЈА

Меѓународниот фестивал на кусометражни филмови во Оберхаузен се одржува веќе шест децении и е еден од најстарите фестивали во светот. Во просек се пријавуваат по 5000 филмови годишно, од кои по пат на селекција се прикажуваат по повеќе од 400 филмови во едно фестивалско издание. Денес фестивалот е една од главните меѓународни платформи за кратки филмски форми. Патувачката верзија на фестивалот, оваа што имаме можност да ја погледнеме наредниве три дена во Кинотека на Македонија, вклучува избор од наградените филмови во 2016, избор од програмата на германски филмови, од меѓународната програма, како и избор од македонските филмови, коишто беа прикажани на Оберхаузен во 2016.

Своите први филмски скрининзи во непредвидливиот, но магичен свет на филмската уметност пред поширока публика, во Оберхаузен ги доживеале и прославените Милош Форман, Берт Ханстра, Роман Полански, Вим Вендерс, Франсоа Трифо, Вернер Херцог, Ален Ресно, Норман Мек Ларен, Линдзи Андерсон, Еја Лиса Атила, Даг Ајткен, Андреа Арнолд, Миранда Јули, Вера Читилова, Кенет Ангер, Јокен Кун, Мартин Скорсезе, Иштван Сабо, Агнес Варда, Адолгф Винкелман, но и концептуалистите Шантал Акерман, Бјорн Мелхус, Пипилоти Рист, па сè до мистичниот и тегобен филмски свет на Лав Дијаз, наградуван во Венеција и Берлин, почитуван од своите колеги, секогаш прераскажуван од публиката, запаметен од критиката.

Вим Вендерс, својата прва цигара ја запалил на овој фестивал. Можеби тоа е ефемерно, но се прераскажува. Тој до ден денеска секоја година ја очекува програмата од Оберхаузен со особен интерес. Во рамките на своите работилници Вендерс континуирано ги храбри младите филмаџии да се потрудат да направат краток филм со издржана идеја, а тоа можат да го видат само во Оберхаузен.

Во една од програмите ќе биде прикажан и краткиот филм ДЕН ПРЕД КРАЈОТ на филипинскиот режисер Лав Дијаз, режисер што лани го доби Златниот лав за најдобар игран филм во Венеција.

*Ретроспективата ОБЕРХАУЗЕН ПАТУВА 2017 на „Фестивалот за кусометражен филм во Оберхаузен“ ќе се одржи во Кинотека на Македонија од 3 до 5 март.

27 февруари 2017 - 12:46