Зошто подобро помниме кога читаме на хартија?

Можеби сте го почувствувале тоа - прочитана книга на таблет или е-читач се заборава побрзо. Како нешто да недостасува што прави прочитаното да „испари“ многу побрзо отколку кога книгата се чита во асли издание на хартија, со сета нејзина тактилност.

Во текст за Big Think професор по лингвистика го споредува традиционалното печатење со електронската комуникација и се прашува - дали разбирањето на едно исто прочитано на двата медиума се помни истоветно? 

Заклучоците од неговото истражување, преточено и во книга под наслов „Како читаме денес“, е дека при читање текстови од неколку стотина зборови или повеќе тоа се прави поуспешно на хартија отколку на дигитален носач. Предностите на читањето на хартија се особено очигледни кога учесниците во експериментите од едноставни задачи, како идентификување на главната идеја во еден пасус, се упатуваат кон посложени задачи кои бараат ментална апстракција, како извлекување заклучоци врз база на прочитаното.  

Печатените верзии исто така ја зголемуваат веројатноста на памтење детали, како „Каква боја е косата на главниот лик?“, и помнење на хронологијата на настаните, како „Дали несреќата се случила пред или после политичкиот пуч?“.

Студии покажуваат дека и средношколци и студенти претпоставуваат дека ќе добијат повеќе бодови на тест доколку читаат дигитално. Всушност точно е обратно, нивните постигнувања се повисоки кога го читаат материјалот отпечатен на хартија. 

Дискрапанцата помеѓу печатените и дигиталните резултати делумно се должат на физичките својства на хартијата. Постои нешто што се вика „визуелна географија“ низ која поминуваме додека читаме - како изгледаат пасусите, фонтот, физичките својства на книгата. Луѓето често го асоцираат она што го прочитале со тоа колку далеку се стигнати во читањето или каде се наоѓало местото до коешто дошле на самата страница.

Но подеднакво важна е менталната перспектива, она што истражувачите на читањето го нарекуваат „хипотеза на оповршнувањето“. Според оваа теорија, луѓето им пристапуваат на дигиталните текстови наштелувани како да имаат работа со читање на постови на социјалните медиуми или вести на интернет, па посветуваат помалку ментален напор отколку кога е во прашање хартија. 

Дигиталните текстови, заедно со аудијата и видеата имаат своја образовна улога, особено кога нешто не е достапно на хартија. Сепак, за максимум помнење на прочитаното предност секогаш би требало да ѝ се даде на физичката копија. 

8 август 2023 - 17:32