Жената која напиша лажен мемоар за холокаустот

Пред повеќе од 20 години излезе книгата „Мемоар на годините на холокаустот“ од извесна Миша Дефонсека. Преку ноќ постигна огромен успех и беше преведена на 18 јазици. За потоа да излезе дека, иако е претставена како автобиографска, таа е всушност измислена. На сајтовите за продажба на книги сè уште стои во категоријата „светска историја“.

На Википедија книгата „Миша: мемоар на годините на холокаустот“ се води како „книжевна измама“. Во 1997 таа е објавена како автобиографија на авторката Миша Дефонсека, која како Еврејка во своите детски години наводно ја преживеала Втората светска војна талкајќи низ Европа во потрага по своите депортирани родители. По пат била „посвоена“ од глутница волци кои ја заштитувале. Оттаму книгата во некои од земјите каде што е објавена е под наслов „Преживување со волците“, а така се вика и филмот направен според „вистинската приказна“ во книгата.

Во времето на пишувањето на „мемоарот“, авторката, чие вистинско име било Моник Де Вел (Monique de Wael), живеела во Масачусетс во САД, а својата приказна јавно прв пат ја презентирала пред конгрегацијата во локалната синагога. Според неа, нејзините родители биле одведени во логор кога имала осум години. Претходно, насетувајќи што ќе се случи, тие ја сместиле во католичко семејство. Кога ова ново семејство почнува да се однесува насилно кон неа, Миша заминува во потрага по родителите, пешачејќи 3,100 километри низ Европа, јадејќи внатрешни органи од убиени животни и црви. Од родната Белгија, преку Украина, Балканот и Германија, до Полска, па Италија и назад до Белгија, таа опишува неверојатни случки меѓу кои и убивање на германски војник кој сакал да ја силува со џебен нож (значи зборуваме за девојче од 8-9 години).

Сопственичка на мала издавачка куќа ѝ нуди на Дефонсека да напише мемоар, кој почнува добро да се продава. Во САД за правата за филмот е дури и заинтересиран и Дизни. Почнуваат да се појавуваат и преводи, а францускиот и италијанскиот бргу се продаваат во над 30,000 копии. Се снима и француски филм. 

Но во меѓувреме историчари и преживеани од холокаустот почнуваат да изразуваат сомневање во вистинитоста на изнесеното. Сè би било во ред доколку жанрот на книгата би бил однапред одреден како „роман“ или „фикција“, но проблематично е нејзиното претставување како „мемоар“. Неколкумина критичари одбиваат да напишат пофална белешка на кориците на книгата. Темата станува вирална, па излегуваат податоци дека во 1943, кога Миша наводно талкала по шумите, авторката всушност се запишала на училиште, а се најдени и голем број други „дупки“ во историската веродостојност на приказната.

На 29 февруари 2008 Дефонсека јавно признава дека ја фабрикувала приказната. „Книгата“, изјавила таа, „е сепак мојата приказна. Не е вистинската реалност, но е мојата реалност. Има моменти кога ми е тешко да правам разлика помеѓу реалноста и мојот внатрешен свет“.

Нејзините вистински родители биле католици кои биле уапсени и убиени од нацистите поради помагање на отпорот. Моник прво била испратена да живее со своите баба и дедо, а потоа со вујкото. Но во својата локална заедница била позната како „ќерката на предавникот“, бидејќи татко и наводно им открил тајни на нацистите во текот на мачењето и притворот. По ослободувањето, името на нејзиниот татко било избришано од меморијалната плоча во чест на локалните жртви. Според неа, токму ова било мотивот да замисли поинаков тек на настаните. И да го претстави како вистински.

По судењето за измама, била осудена на парична казна од 22 милиони евра отштета на нејзиниот издавач. На страницата на Амазон каде се продава книгата во нејзиниот опис сепак никаде не пишува дека е лажна, и таа е категоризирана во „историја“, и „свет“. Вистинската приказна ја има само во коментарите.

27 јуни 2020 - 11:21