Жената која цела деценија си го чувала љубовникот на таван

Денес од петни жили медиумите се обидуваат да измислат скандал, но притоа ниту една фикција не може да им парира на вистински скандалозните приказни за кои никој не зборува. И оваа би останала тајна, да не било едно убиство.

Дури и по денешни стандарди, убиството и љубовниот триаголник (или повеќеаголник) кој ја вклучува Валбугра Доли Остерајх и нејзините партнери, е вистинска посластица за љубителите на зачинети приказни. Во првата деценија од 20 век Доли била привлечна девојка, вработена во фабрика за престилки и други производи од ткаенина на Фред Остерајх во Милвоки. Тој ја забележал уште кога била малолетна, (малку) почекал и ја зел за жена. 

Иако ова требало да биде „полна капа“ за сиромашната Доли, таа во бракот не била среќна. Фред бил многу постар од неа и постојано бил излезен. Пиел а кога ќе се врател се однесувал насилно. Таа генерално седела дома и го чекала, повремено занимавајќи се со шиење. 

Еден есенски ден во 1913, Доли пријавува дека машината за шиење ѝ е расипана. Фред испраќа работник од фабриката за да ја поправи - 17-годишниот млад и згоден Ото Санубер. Таа веројатно знаела како ќе се одвиваат работите затоа што (наводно) го дочекала само во домашна наметка. Вака започнала афера која ќе трае цела деценија.

Најпрвин, Доли и Ото (на сликата лево) ја терале врската на вообичаени тајни  места, на пример во хотели. Но Милвоки тогаш и не бил толку голем град за човек да се скрие, па продолжиле во домот на Остерајхови. Наскоро љубопитните соседи почнале да се распрашуваат кој е човекот што се мотка околу куќата, а Доли им кажувала дека е „одметнат полу-брат“.

Свесна дека веќе привлекува внимание, Доли доаѓа до неверојатна идеја - Ото да биде „кираџија“ на покривот. Така, никој нема да го гледа кога влегува и излегува, плус ќе има бесплатно сместување и храна. Ото ја напушта работата во фабриката, и бидејќи нема свое семејство почнува да живее како невидлив потстанар. 

И не дека имал многу слободно време. Доли, во медиумите претставена како ненаситна зависничка од секс, максимално го окупирала со вакви активности, а ноќе на свеќа тој одмарал и пишувал авантуристички и љубовни раскази. 

Вака терале пет години. Кога во 1918 Фред ја информирал Доли дека сака да ја продава куќата и да се селат во Лос Анѓелес, Доли се согласила но побарала таа да ја одбере куќата кадешто ќе живеат. Нашла таква која гледала на Сансет булевар, секако со таван, каде го испратила Ото порано, за да биде таму кога Остерајхови ќе пристигнат. 

Животот продолжил како и претходно, до 22 август 1922, кога Ото начул како Доли и Фред се караат. Се симнал од покривот, ги зел двата пиштола на Фред кои многу добро знаел каде стојат, и го нападнал. Кој знае како му изгледало сето тоа на бившиот газда, да си го види исчезнатиот работник во сопствениот дом после толку време. Фред бил застрелан а Доли почнала да паничи. Но Ото имал план - ја заклучил во шифоњер однадвор, ги зел клучевите и пиштолите кај себе на таванот и ѝ дал инструкции - кога ќе дојде полицијата да каже дека во куќата влегле разбојници кои ја заклучиле во долапот па таа секако не можела да биде убиецот. 

Полицијата била сомничава, но немала докази за тоа дека Доли е виновна. Сега, како вдовица, таа се преселила во нова куќа, но спротивно на очекувањата, таа и Ото продолжиле да живеат едниот доле, другиот горе. Можеби таквата тајновитост ја одржувала нивната возбуда. Тој, со помош на Доли, успеал да објави неколку приказни и со парите да купи машина за чукање. 

Во меѓувреме и Доли не седела со скрстени раце. Си нашла уште еден љубовник, адвокатот кој ја застапувал, Херман С. Шапиро. Бидејќи адвокатот исто како и нејзиниот претходен сопруг бил многу зафатен, во приказната влегол и извесен Рој Кламб, чија улога меѓу другото била да се ослободи од пиштолите, за коишто му било кажано дека многу личат на оние со кои е извршено убиството, па отарасувањето од нив е „за секој случај“.

Кога Доли му раскинала на Кламб, тој ја пријавил, и ги извадил пиштолите од јамата во којашто ги фрлил. Но тие биле толку кородирани што никако не можеле да се поврзат со случајот. Додека чекала судење, Доли го замолила Шапиро да купи за јадење и да му ги однесе на човек кој е затворен на таванот (повторно претставувајќи го како полу-брат со финансиски и други проблеми). Адвокатот го сторил тоа, и наишол на човек кој не само што не бил во добра здравствена состојба, туку бил и гладен за муабет. Ото му раскажал сè. Најпрвин Шапиро само го избркал и почнал да живее со ослободената Доли. Но седум години подоцна, кога и меѓу нив било готово, тој се исселил од куќата и на полицијата ѝ ги открил сите детали и докази. Ото бил обвинет за убиство, но олеснувачка околност му била дека бил држен како „роб“ од страна на неговата господарка. 

Судењето станало познато како „Случајот Бетмен“ бидејќи Санубер бил држен во изолација, како лилјак во пештера. Но поминале толку години од настанот, што неговото обвинување според тогашните закони веќе не држело. Доли, пак, била судена за конспирација, но исто така била ослободена откако поротата не можела да постигне едногласна одлука. Таа починала во 1961, на 80 години, после живот полн авантури.  

26 октомври 2022 - 09:01