Жаби во кисело грозје, пита со јагула: музеј во Рим посветен на кулинарската традиција

„Гарум“ е библиотека и музеј на кулинарството во срцето на Рим. Со постојаната поставка се покриени цели пет векови италијанска историја, раскажана преку готвачи и кујнска опрема. После подолго време, поради пандемијата, тој сега повторно се отвора за посетители.

Сместен во поранешен манастир, Библиотеката и музеј на кулинарството „Гарум“ се наоѓа на врвот на ридот Палатин, значајна локација во римската митологија. Според легендата, божицата во форма на волчица Лупа тука ги задоила основачите на Рим, Ромул и Рем, точно на местото кадешто денес стои музејот, 2700 години подоцна. 

Директорот на „Гарум“, Матео Џириџини, вели дека целта на музејот е да ги регистрира, архивира, но и повторно да ги оживее италијанските рецепти и готварските техники кои до скоро биле заборавени. 

Во случајов готвењето е само „канал“ за истражување на севкупната италијанска социјална историја, во која спаѓаат и обичаи, специфични економски и политички околности и начини на мислење. 

Од артефактите кои физички се изложени во музејот спаѓаат, меѓу другото, модли за колачи од 17 век, глазирани керамички садови за печење, 19-вековни машини за правење паста, до челични садови дизајнирани специјално за правење на северно-италијанскиот специјалитет со говедско, osso bucco. Во библиотеката пак има 127 готвачи, а најстарото  издание е „Науката на кујната и уметноста на добрата храна“ на Пелегрино Артуси од 1891, водич кој требало да ја приближи фината италијанска кузина до „обичниот“ народ. Еден од рецептите за слатки шпагети за деца вклучуваат мелени ореви, лебни трошки, бел шеќер и мешавина од зачини (морско оревче, цимет и др.).

За Артуси велат дека бил првиот „блогер за храна“, бидејќи се обидувал да користи локални, сезонски и квалитетни производи но и да ги поедностави рецептите така за да можат да се прават за кратко време и со релативно евтини состојки.

Помеѓу другите вредни книги спаѓа и масовно печатениот готвач на Бартоломео Платина од 1474, „За достоинствено задоволство и здравје“, како и книга на приватниот готвач на папата Пие Петти од 1570. Последниот ги приближил рецептите на Ватикан кон јавноста, како оној со неговите омилени „грицки“: пржени жабји џигери со болоњезе сос.

Иако некои од овие рецепти денес делуваат бизарно (пита со јагула или жаби во сос од недозреано грозје), во овие готвачи се содржани и првите печатени верзии на рецепти кои денес се популарни како панетоне или доматен сос за паста и пици (додуша многу позачинет). Во музејот има и одреден број француски готвачи, бидејќи француската кујна имала големо влијание врз северно-италијанската, особено во 19 век, кога Наполеон бил на врвот на својата моќ.

Со музејот е поврзана Академија во која се одгледуваат потребните состојки, а студентите ќе бидат подучувани да ги подготвуваат оние рецепти кои се подзаборавени или целосно исчезнати од колективната меморија. 

По многу месеци затвореност поради пандемијата, Музејот наскоро повторно ќе се отвори за посетители, кои ќе можат да уживаат не само во поставката туку и во дегустации и едукативни работилници.

18 април 2022 - 18:36