Здравје и еугеника: натпреварите за најубави бебиња од почетокот на 20 век

На почетокот на 1900-тите во САД посетителите нагрнувале на државните панаѓури за да се натпреваруваат во тоа кој има поубава крава, поголем зеленчук, повкусна пита и - поубаво бебе.

На почетокот на 20 век во САД немало поголема радост за децата и нивните родители кога во нивна близина бил организиран голем, државен панаѓур. Се одржувале годишно, имале рекреативен и натпреварувачки карактер, а барем на почетокот нивна цел била промовирање на земјоделството и сточарството преку изложување на такви производи.

Но во 1908, на државниот панаѓур во Луизијана се случило нешто необично. Прв пат се одржал натпревар за најубави бебиња. Судиите ги прегледувале и ги оценувале децата врз основа на нивното физичко и ментално здравје. Потоа ги наградувале родителите на оние кои изгледале најздрави. 

На почетокот натпреварите биле замислени како платформа за промовирање на хигиенски и здравствени навики кај младите родители. Но тие имале и мрачна страна - од денешен аспект јасно е дека биле раководени од расистички принципи на еугениката. 

Статија од 1913 вака ги опишува натпреварите:

„Лекарите ги оценуваат бебињата на истиот начин како што еден искусен судија доделува бодови на стока. Најпрвин е потребно да се воспостави стандард, а потоа да се спореди секој примерок со она што е дефинирано како стопроцентен или совршен производ“.

Елементите кои биле оценувани вклучувале тежина, обем на гради и ментален капацитет на бебињата. Оние кои биле премногу срамежливи или лесно се вознемирувале, губеле поени. Победниците или „најнаучните“ бебиња добивале сребрени трофеи.

Модата на „Подобри бебиња“, како што се викале натпреварите, била започната од болничарка по име Мери ДеГармо, промотор на детското здравје. Соработувајќи со доктор од Луизијана, тие развиле картичка со бодови наменети за мајките, кои на тој начин можеле самите да го следат напредокот на своето дете. 

Но по тој прв натпревар од 1908 нештата бргу се прошириле на национално ниво. Во 1910 списанието Woman's Home Companion oбјавило национален бодовник и создало биро за промовирање на натпреварите. Под атрактивниот шарм на настанот според нив лежела сериозна научна цел - здрави бебиња, стандардизирани бебиња и, година по година, сè подобри бебиња. Ова се случува во момент кога морталитетот на бебињата во САД бил 1 на 100 до првата година од животот, што претставувало голем проблем на националниот здравствен систем.

На почетокот на натпреварите можеле да се пријават само деца помеѓу 6 месеци и 4-годишна возраст. Но наскоро тие почнале да вклучуваат не само постари деца туку и возрасни. Мери ДеГармо верувала дека натпреварите го откривале генетскиот „фитнес“ на бебето но и на семејството. 

Желбата да се произведе подобра генерација луѓе можеби била благородна, но во практика теоријата главно изникнала од расистички и колонијалистички идеологии. На натпреварите биле примани единствено бели учесници, а немале пристап ни сиромашните, неухранетите и необразованите. Во 1920 идејата се проширила со тоа што на панаѓур во Канзас се одржал натпревар за „Поподготвени семејства“ (Fitter Families), каде членови на семејството требало да го презентираат своето семејно стебло за да го докажат своето ниво на издржливост. Според еден весник од тоа време: „Луѓето од оваа прогресивна држава веќе не се задоволуваат со одгледување само на подобри животни. Тие сакаат да изнедрат подобри граѓани: да применат некои од принципите на наследувањето на човечката раса, нешто што кај стоката доведе до неверојатни подобрувања“.

Идеите зад овие натпревари биле користени за да ја оправдаат дискриминацијата на федерално ниво. Во Законот за имиграција од 1924, САД строго ограничиле кому му е дозволено да влезе во земјата врз основа на еугенетички принципи. Три години подоцна, Врховниот суд дозволил владата да стерилизира секого за кого сметала дека не е „фит“, односно дека би произвел такво „не-фит“ потомство. Идејата за „совршеното“ американско семејство останала длабоко вкоренета, дури и кога трофеи веќе немало, а терминот еугеника се поврзал со подоцнежните ужаси на нацистичка Германија. 

29 ноември 2022 - 16:32