Замина Анџело Бадаламенти чија музика за „Твин пикс“ нè вадеше од памет

На 85 години почина композиторот кој беше најпознат по своите соработки со Дејвид Линч. Но дури сега, преку неговиот некролог, многумина ќе дознаат и за други славни личности со кои работел.

Анџело Бадаламенти, славниот композитор кој создаваше морничава музика за филмовите на Дејвид Линч („Синиот сомот“, „Твин пикс“, „Мулхоланд драјв“) почина на возраст од 85 години.

Во 1986, на првата соработка со Линч, тој всушност бил ангажиран како „вокален тренер“ на Изабела Роселини која ја игра главната улога во „Синиот сомот“. Линч тогаш го замолил да напише мелодија за филмот со назнаките: „Остави да лебди како плима на океан, нека собира време и простор, безвременско и бескрајно“. Така се случила „Мистерии на љубовта“, која ја изведува Џули Круз. Задоволен од резултатот, Линч побарал од него да ја напише музиката за целиот филм, повторно со прилично јасен опис (за оние кои би го разбрале): „Нека биде како Шостакович, многу руски, истовремено и најубавото и најмрачното нешто, а и по малку страшничко“.

За „Твин пикс“, пак, Бадаламенти ја компонирал музиката без да види какви и да е снимки. Во 2018 тој раскажал како ја напишал славната тема на Лаура Палмер со Линч: „Дејвид дојде во мојата мала канцеларија наспроти Карнеги Хол и рече - Не сум снимил уште ништо но би сакал музиката да звучи како да си во мрачна шума со був во позадината, облак кој ја затскрива месечината и платани кои се нишаат на ветрот. Од шумата излегува вознемирана девојка, и чекори кон камерата“. Така се случило ова:

Дејвид бил видливо трогнат. „Кожата му беше наежена и имаше солзи во очите. Кога му реков дека ќе одам дома и ќе ја доработам мелодијата ми забрани да ја чепкам“, раскажал Бадаламенти. Подоцна тој ќе добие Греми и три Еми номинации за „Твин Пикс“. Понекогаш доаѓал на сетот и свирел во живо додека течело снимањето за актерите „да го почувствуваат расположението“. 

Иако е најпознат токму по соработките со Линч, тој исто така има работено со Нина Симон, Дејвид Боуви, Пол Макартни, Лајза Минели, Пет Шоп Бојс и Ел-ел Кул Џеј, но ова не е толку познат факт бидејќи тоа главно го правел под псевдонимот Енди Бадале. Исто така компонирал тема за отворањето на Олимписките игри во Барселона во 1992. Во 2011 ја добил престижната награда Хенри Манцини, која му била доделена од страна на Линч. 

13 декември 2022 - 10:42