Модернизација на еден ритуал

За заколнувањето врз (дигитални) книги

Сузи ЛеВин, американската амбасадорка во Швајцарија и Лихтенштајн, на церемонијата на прифаќање на должноста се заколна држејќи ја раката врз електронско издание на американскиот Устав. И тоа не беше прв пат некој да се колне врз дигитална верзија на некоја книга.

Во февруари 2013 група пожарникари од Атлантик сити за истата цел искористија библиска апликација за ај-пад, а на почетокот на оваа година и некој владин функционер од Лонг ајленд се заколнал на истиот начин. Разликата помеѓу овие случаи и оној на ЛеВин е што таа го користела Уставот, а не Библијата, и тоа „отворен" на 19-тиот амандман, кој вели дека на ниту еден граѓанин не смее да му биде ускратено правото да гласа врз основа на полот. Разликата е и во тоа што таа го испланирала ваквиот потег, за разлика од претходните примери кои се импровизации - едноставно никој не се сетил да донесе печатена копија од Библијата, па се снашол на овој начин.

ЛеВин подоцна изјавила дека со користењето на дигитално издание наместо примерок на Уставот од 18. век сакала да ја отслика нејзината страст за технологијата (поголемиот дел од кариерата го има минато во Мајкрософт), но и надежта за иднината. Така, нејзиниот избор не е само практичен, туку станува и симболичен.

Но користењето на каков и да е текст при заколнување е повеќе „театар" отколку услов. Не постои правило дека кој и да е американски владин службеник, од пожарникар преку амбасадор, до претседател - треба да се заколне над одредена книга, или над каква и да е книга. Од законска гледна точка, „Моби Дик" или „Мачорот во чизми" би можеле да бидат исто толку прифатливи.

Традицијата на користење книга за заколнување е позајмена од судовите, што објаснува зошто Библијата е најчесто користениот текст. Иако Уставот предвидува дека при заколнувањето не треба да се користат какви и да е верски книги, токму Светото писмо било користено од страна на поголемиот број американски претседатели, вклучувајќи семејни примероци отворени на одредена страница или стих. Така, Рузвелт се заколнал на Првото послание на Павле до Коринтјаните 13, стихот: „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта".

Истовремено, книгата ги потенцира јавните и перформативните аспекти на заколнувањето, додавајќи му на чинот, кој инаку би бил само вербален, визуелни и физички аспекти. Физичкиот се состои од поставувањето на левата рака на книгата, со подигната десна рака, сцена која е позната од 65-те години телевизиско пренесување на претседателските инаугурации, но и од книжевноста. Во „Да се убие подбивната птица" на Харпер Ли, таа ни сигнализира дека главниот лик е невин со тоа што не може да ја стави левата рака на Библијата затоа што му е повредена, што значи дека тој не е леворакиот напаѓач на жртвата.

До сега најконтроверзен случај бил оној на Кит Елисон, првиот американски конгресмен-муслиман, кој изразил желба да се заколне на Коранот, по што следувала лавина реакции, меѓу кои најгласни биле оние кои барале ова право да му се ускрати. На крај тој сепак го сторил тоа, се заколнал на примерок на Коранот на англиски, чиј прв сопственик бил Томас Џеферсон.

По церемонијата на заколнување ЛеВин го донирала електронскиот читач на Музејот за комуникација во Берн. Притоа изјавила дека обредите „ја трансцендираат физичката реалност со која биле изведени..зборовите од американскиот Устав биле оние ратификуваните на 21 јуни 1788, а не хартијата". Сепак, примерот на Елисон покажува дека физичката форма на овие зборови, без оглед дали се печатени или дигитални, си имаат свое значење.

Се разбира ова важи за оние култури кадешто постои ваков однос кон пишуван текст. Во македонската народна култура, а колку што ни е познато и во судскиот систем, заколнувањето врз книга не е познато. Но при обредите на заколнување зборот тежи - како во оној кога некој што е обвинет дека поместил меѓа треба да заврзе торбичка со земја околу вратот и да изјави: „Ако лажам, како што ми тежи земјава околу вратот, така да ми тежи врз снагата". Ретко кој би се осудил да изговори ваква реченица ако не е навистина невин.

23 јуни 2014 - 08:36