„За да ослабеш мачкај се со кравји лепешки“ и други бизарни совети од средниот век

Колку и да сакаме да мислиме дека сме понапредни од луѓето во „мрачниот“ среден век, всушност и не сме толку различни. Советите кои тие си ги споделувале и денес имаат еквивалент во рубриките кои обично завршуваат на „дното“.

Глуми дека си нервно болен за да одбегнеш додворувач(ка)

За „Книгата на секој цивилизиран маж“ од Даниел од Беклес се верува дека е првиот бон-тон прирачник во светот, кој датира од 13 век. Во него има повеќе совети за тоа како возрасен маж да одбегне да изгледа како „примитивец“, на пример да не се качува на коњ додека е во некој објект туку надвор и да не краде сребрен прибор кога ќе биде поканет на вечера. Помеѓу другото нуди и вонвременски совети за одбегнување на неверство, на пример со жената на господарот:

„Ако сопругата на твојот господар почне пречесто да те загледува и срамно да ѝ гори телото за тебе, ако почне да ти зборува дека сака да има секскс со тебе, помеѓу две зла твојот најбезбеден план е да изглумиш болест, од оние кои предизвикуваат нервни сломови, да заминеш разумно и достоинствено“. 

Повраќај секое утро за здравје

Некои прирачници со совети биле наменети исклучиво за елитата, односно го опишувале начинот на соодветно однесување на кралевите и владетелите. Тие вклучувале филозофија на владеењето, трикови за препознавање на оние на кои може да им се верува, стратегии за војна и мир и - режими на исхрана.

„Секретум Секреторум“ или „Тајна на тајните“, е текст за кралско однесување од 1326/7 кој му бил презентиран на британскиот крал Едвард Трети на почетокот од неговото долго и успешно владеење. Веројатно станува збор за адаптација на многу постар арапски текст, но за конкретниот извадок се тврди и дека е од писмо на Аристотел до Александар Македонски.

„Оние нешта кои го зајакнуваат и развеселуваат телото се: умереност во кохабитацијата (читај: сексот); јадење пченичен леб и месо од дебели кокошки. Повраќање секое утро со заблажен оцет, во лето јавање на некоја помирна стока и пиење од нови и миризливи бокали. Оние кои го расипуваат телото се: екстремна вознемиреност и тага, неспиење, преокупација на умот, прекумерна љубов, спиење на земја, спиење со постари жени и гледање непријатни сцени кои не можат да се одбегнат. Но најлошо од сето ова се зли мисли и вознемиреност“.

Суди го мажот по неговите стапала

Друго поглавје од „Секретум секреторум“ се однесува на псевдонауката физиогномија, која се заснова на идејата дека надворешниот изглед на некој човек кореспондира со неговото однесување и личност. Текстот идентификува секакви варијации на цртите на поединецот, од формата на очите до должината на рацете, и припишува позитивни или негативни особини на секоја од нив. Дури има и дел за стапалата. 

„Широки и меснати стапала покажуваат глупавост и љубов кон опресија, а мали и меки стапала покажуваат зла нарав. Најдобрите се оние со умерена големина и симетрични по форма, со малку месо, цврсти нокти и симетрични прсти“.

По секоја цена одбегнувај пена од уста на камила

„Маија натуралис“ била една од најпопуларните книги за „наука“ во раната ренесанса. Напишана од Џамбатиста дела Порта во 1588, таа покривала медицина, готвење, геологија, убавина, хемија и уште куп други дисциплини. Иако содржела и нешта кои и денес важат како точни, делови биле не само неточни туку и опасни. На пример рецептите за козметика вклуувале отровни состојки како „живо сребро“ или подразбирале мачкање по телото со внатрешни органи на тазе заклано животно.

Некои од советите се однесуваат на тоа како да се магепса маж, најпрвин со тоа што ќе се опие. Се препорачува ставање во виното на нечистотија од уво на куче, а алкохол може да биде и обична вода ако во неа се стави пена од уста на камила, што ќе го направи „опседнат како со Ѓаволот“.

Ќелавост се лечи со кромид

Книгата „Регимен санитатис салернитанум“ најверојатно е превод на постаро арапско дело, кое содржи совети за лековити билки, третмани и домаќински работи. За чистење на забите, на пример, се препорачува горење на семе од праз и насочување на чадот директно кон забите преку цевка. Што се однесува до кромидот тој се препорачува за триење на ќелавите места на главата (и не е назначено дека советот е само за мажи).

За да ослабеш мачкај се со кравји лепешки

„Тротула“ е збирка од три текста, составени во 12 век од лекарка позната како Трота од Салерно. Тука има и асли медицински совети но и доста хокус-покус. На пример: „Ако жената е дебела и по малку неарна, нека помеша кравји лепешки со добро вино, нека се намачка со смесата и нека легне во многу топла бања стоплена од оган од постаро дрво. Вака легната нека се испоти колку што може повеќе“. За мажите има малку поинаква варијанта, со тоа што за нив треба да се ископа „гроб“ близу до морскиот брег а потоа на сличен начин да се постават во него покриени со топол песок. Всушност и не толку различно од методите на „ексклузивните“ спа центри.

Не прди додека танцуваш

Антониус де Арена бил „инфлуенсер“ од 16 век во областа на убавото однесување. Неговата книга „Правила за танцување“ содржи една интересна дигресија:

„Никогаш не прди додека танцуваш; стегни ги забите и газот и врати го прдежот. Исто така не играј со растечен нос и не се лигави. Ниту една жена не сака маж со беснило. Воздржи се и да плукаш пред девојките, бидејќи од тоа на човек му се лоши. Ако ти се случи да си го исекнеш носот или да кивнеш, сврти ја главата на страна и не си го бриши носот со прсти, направи го тоа со бело марамче. Не јади праз или кромид затоа што оставаат непријатен мирис во устата“ (плус ќе ти требаат за забите и за ќелавоста...).

23 јуни 2022 - 08:51