Водич на ЦИА од Втората светска војна за саботажа на работното место ќе ви се види необично познат

Неодамна декласифицираниот таен документ на организацијата-претходник на ЦИА има интересен наслов - „Едноставен прирачник за саботажа“. Напишан е во 1944, но е изненадувачки релевантен денес.

Одделението за стратешки услуги (организацијата-претходник на ЦИА, формирана во текот на Втората светска војна), во 1944 креирало документ кој требало да претставува водич за оперативците во Европа кои се обидувале да регрутирaат цивили во окупираните земји, за тие да вршат различни видови саботажи. 

„Едноставниот теренски прирачник за саботажи“ (достапен во целост тука) содржи инструкции за физички саботажи, но и за такви кои имаат врска со нарушување на меѓучовечки односи и функционирање на организации. Иако звучи иронично, главниот принцип врз кои почиваат овие тактики се „целисходна глупост“ - значи не онаа природната, која може да има и повремени моменти на луцидност, туку глупост која е рационализирана и во методот и во резултатите.

Поединци во окупираните земји како Норвешка или Франција можеби и самите саботирале материјали, машинерија или операции, но сепак ним им недостасувала вештината за ширење хаос, каква што би имал еден вистински разузнавачки агент. Обуката на таквите агенти вклучувала притисок, стимулација и давање насоки за тоа како тие да бидат НАВИСТИНА арогантни, мрзоволни и лежерни во однос на последиците на своите дејства. 

Читајќи ги овие упатства се стекнува впечаток дека тие се безвременски и можат да се однесуваат и на некои од нашите денешни работни места, организации и - особено - државни институции. Само чии ли се денешните агенти на хаосот?

Организации и конференции

- Инсистирајте да правите сè преку „канали“. Никогаш не дозволувајте скратени патишта кои би го убрзале процесот и донесувањето одлуки.
- Држете „говори“. Зборувајте колку што е можно повеќе. Илустрирајте ги своите „поенти“ со долги анегдоти и лични искуства.
- Секогаш кога тоа е можно, делегирајте прашања на комисии и комитети, „за понатамошно испитување и истражување“. Обидувајте се комисиите да бидат колку што е можно поголеми - никогаш помалку од пет членови.
- Зборувајте за нерелевантни прашања колку што е можно почесто.
- Бидете пицајзла за прецизно наведување на нештата во преписки, записници, правилници.
- Повикувајте се на одлуките кои се веќе договорени на претходни состаноци и обидете се повторно да ги актуелизирате, доведувајќи ги во прашање.
- Секогаш повикувајте на „внимателност“. Бидете „разумни“ и поттикнувајте ги колегите на истото, да не брзаат со што би се посрамиле или би предизвикале подоцнежни проблеми.

Менаџери

- Секогаш доделете ја најневажната работа прва. Важните обврски доделете ги на неефикасни работници.
- Инсистирајте на совршени резултати само кога се во прашање незначајни производи; враќајте ги оние кај коишто ќе забележите дури и најмала маана.
- За намалување на моралот, а со тоа и на продуктивноста, бидете љубезни кон неефикасните работници; давајте им незаслужено унапредување.
- Секогаш кога има некоја поважна работа, закажувајте состаноци.
- Зголемете го обемот на процедури и дозволи до таму што најмалку тројца ќе треба да проверуваат она што може да го заврши еден вработен.

Вработени

- Работете бавно.
- Работете многу бавно.
- Правете колку што е можно повеќе прекини во работата.
- Вршете ја работата неквалитетно и обвинувајте ги алатките, машинеријата или опремата. 
- Никогаш не споделувајте вештини и искуства со нов или помалку квалитетен работник.

19 јануари 2022 - 14:05