Во 2024 ќе излезе до сега необјавен роман на Габриел Гарсија Маркес

„Ќе се видиме во август“  е книга за чиешто постоење долго време кружеа гласини помеѓу обожавателите на Маркес. Таа навистина била чувана во неговата архива на Универзитетот Тексас, а ќе се појави во книжарниците следната година. 

Издавачот Пингвин Рендом Хаус потврди дека необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес, кој почина во 2014, под наслов „Ќе се видиме во август“ (En Agosto Nos Vemos) ќе биде објавен во 2024 за пазарот на Латинска Америка. 

Гласини за постоењето на книгата кружеа од 1999, кога Маркес објави краток расказ за којшто се претпоставуваше дека е извадок од поголемо дело, во колумбиското списание Камбио. Приказната се однесува на Ана Магдалена Бах, средовечна жена која има еротска афера додека е на посета на тропски остров, каде заминува за да остави цвеќе на гробот на мајка си. 

Ставот на децата и наследници на Маркес најпрвин бил дека ракописот нема да биде објавен бидејќи бил недовршен. Но сега тие се предомислуваат, затоа што делото било „прескапоцено за да биде сокриено од Колумбија и од поширокиот свет“. 

Помеѓу малубројните детали кои се откриваат е дека книгата ќе содржи пет засебни дела фокусирани на Ана Магдалена и дека ќе има вкупно 150 страници. Англиско издание се уште не е најавено.

Габо, како што му беше прекарот, е најпреведуваниот писател кој пишува на шпански јазик во светот, а неговите дела ја ставија неговата татковина, Колумбија, на книжевната мапа на светот. 

5 мај 2023 - 10:22