Вистинската приказна зад „Ширли“ - новиот филм за првата црна кандидатка за претседател на САД

Иако Ширли Чисхолм на повеќе начини ја променила американската историја, таа не е ни оддалеку позната како Мартин Лутер Кинг помладиот или Роза Паркс. Сега Нетфликс сака тоа да го смени со „Ширли“, биографски филм кој се фокусира на историската претседателска трка на Чисхолм од 1972.

Нов филм под наслов „Ширли“, со Регина Кинг во главната улога, ги опишува настаните кои довеле до тоа Ширли Чисхолм во 1968 да стане првата црна жена - член на американскиот Конгрес, а потоа, во 1972, првата црна кандидатка за голема партија во претседателските избори. Истовремено, таа е првата жена во американската историја номинирана за претседател на државата од страна на Демократската партија. 

Родена во 1924 во Бруклин од родители-емигранти од Барбадос, таа била одлична ученичка. Завршила педагогија, по што била учителка во забавиште и раководела со десет забавишта во Њујорк. Почнала да се занимава со политика поради поривот да се бори против економските, општествени и политичките неправди. Истовремено, се залагала за правата на црното малцинство и на жените. Во филмот ја запознаваме кога се обидува да ги собере средствата за претседателската трка. Иако знае дека и самата номинација е речиси невозможна, се надева дека ќе собере доволно делегати односно гласови со што ќе може да формира коалиција која би ја поддржала. Како што почнува скандалот Вотергејт, така станува јасно дека Никсон веројатно нема да го добие следноит мандат. Во својата автобиографија, Ширли го обвинува за „речиси секоја длабока и трагична грешка во американското општество“. 

Филмот сепак не се однесува толку на неуспешната претседателска номинација, туку низ таа приказна ги акцентира успесите на Чисхолм за кои до сега не ѝ е оддадено заслуженото признание. Во текот на 14-те години кои ги минала во Конгресот работела на проширување на програмата за купончиња за храна и воспоставила програма за жени, бебиња и деца. Се залагала за воведување закон за универзална грижа за децата, но Никсон ставил вето врз истата. 

Најинтересниот момент во филмот е кога во текот на кампањата нејзин остар противник, исто така кандидат за претседател, Џорџ Валас, преживува атентат. Покрај критиките за ваквиот чекор, таа го посетува во болницата, бидејќи и самата има доживеано напад со нож. Тој не го заборава овој гест и подоцна ѝ помага да протурка закон со кој се зголемува минималниот надомест за домаќинките во 1973. 

Најголемото постигнување според многумина сепак е фактот што таа го отворила политичкиот процес за луѓе кои никогаш не ни помислувале дека би можеле да се кандидираат за политичка функција - припадниците на црното и латино и геј малцинствата, жените, младите и работничката класа. 

 

25 март 2024 - 09:29