Среќен роденден Том!

Вејтс за музичарите кои прават реклами

Во 2002., откако прочитал текст од Џон Дезмор, тапанарот на „Дорс", кој зборува за отстапувањето на авторска музика за реклами, Том Вејтс кој претходно успешно се судел со компанијата Фрито леј за 2 милиони долари (подоцна и со Левис, Ауди и др.) го напишал следново писмо до The Nation.

Вудланд Хилс, Калифорнија

Ви благодарам за елоквентната „тирада" на Џон Дензмор од Дорс околку отстапувањето музика за реклами („Јавачи на бурата" од 8. јули). Секогаш кога можев зборував на оваа тема, дури и пред случајот со Фрито Леј (Waits vs. Frito Lay), во кој тие искористија звучно слична верзија на мојата песна Step Right Up, толку убедлива што мислев дека тоа сум јас. На крајот, по многу судења и препукувања, ние победивме и судот одреди дека мојот глас е моја сопственост.

Песните носат емоционална информација и некои од нив нè пренесуваат назад кон некое важно време, место или настан од нашите животи. Не е ни чудо што некоја корпорација би сакала да се шлепа на магијата која овие песни ја носат со себе, и преку нив да ве убедат да купите сокови, долна облека или автомобили, додека сте во транс. Уметниците кои земат пари за реклами ги трујат и ги первертираат нивните песни. Тоа ги сведува на ниво на џингл, збор кој го опишува звукот на ситнина во вашиот џеб, точно она во што се претвораат вашите песни. Запомнете, кога си ги продавате песните за реклами, вие исто така си ја продавате и публиката.

Кога бев дете, доколку видев уметник кого го ценев како прави реклама, си мислев, „Штета, сигурно многу му требаат тие пари". Но сега тоа е толку убедливо. Како вирус е. Уметниците се редат за да прават реклами. Парите и публицитетот се преголемо искушение за музичарите да можат да му одолеат. Корпорациите се надеваат дека ќе ги грабнат спомените на една култура, за тие да му служат на нивниот производ. Тие ја сакаат публиката на уметникот, неговиот кредибилитет, добрата волја и сета енергија која песните ја собрале и ја дале во текот на годините. Тие го цицаат животот и значењето од песните и ги обременуваат со ветувања за подобар живот ако се купи нивниот производ.

На крајот, уметниците ќе излегуваат на сцена како возачи на формула, покриени со стотици логоа. Џон, остани чист. Твојот кредибилитет, твојот интегритет и твојата чест се нешта кои не смее да ги купи ниту една компанија.

Том Вејтс

7 декември 2012 - 16:27