Уметникот кој мина една недела во скулптура од самиот себе

За Абрахам Поаншевал сме пишувале и претходно, кога помина неколку дена вграден во карпа, кога квачеше јајца додека од нив не излезат пилиња и кога две недели седеше склопчен во стомак на препарирана мечка. Сега само што заврши негов нов „проект“, чија главна мистерија е - како одел во Ве-це?

Новото дело на Абрахам Поаншевал, „Хартунг“, се состои од два дела - скулптура која треба да го претставува самиот него и слика од апстрактниот уметник Ханс Хартунг, кон која е свртена скулптурата. Таа се состои од алуминиумска „школка“, направена со помош на 3Д скенер а која според димензиите би требало да претставува двојник на уметникот. Подножјето на коешто е поставена скулптурата е всушност покриена ВЦ шоља, а во рацете на фигурата биле скриени вода и храна.

И покрај долгото планирање, излегло дека „оклопот“ е дизајниран малку премал, па особено на почетокот Поаншевал многу се измачил. Искуството го споредува со „соло преминување на Атлантикот“ при што неговото расположение се менувало од крајно спокојство до крајна вознемиреност. Гледањето во сликата пред него станало некој вид медитација - некои нешта на неа исчезнувале, дури се појавувале, а боите се менувале, како на вистински пејзаж.

Поаншевал се фокусира на перформансот од самиот почеток на својата кариера, а тоа што притоа го користи сопственото тело на шега вели дека е затоа што е поевтино. „Сите имаме тела и тоа е прекрасно - телото е засолниште, средство за транспорт, и собира голем број информации кои ги конзервира, архивира, транскрибира“.

До сега со тоа свое засолниште тој се има качено на Алпите во тек на сите четири сезони (2013), ја има прошетано Бретања носејќи оклоп на средовековен витез (2018) и има праќано пораки во шише (2015). Сепак, тој признава дека во однос на раните испосници неговите методи се аматерски. Симеон Столпникот, на пример, монах од петтиот век, поминал 37 години стоејќи на врв од столб.

Следната година уметникот планира да се затвори во осило, како истражување на поголемата единица од семејството: општеството. Тој одбива да ги споредува своите изолации со карантините, велејќи дека станува збор за нешто сосема поразлично и подолгорочно - истражување на идејата на затвореност и барем привремено откажување од нормалниот тек на нештата.

Види претходно:
Француски уметник ќе квачи јајца
Мечка страв, мене перформанс

5 јули 2021 - 15:03