„Уметноста е насекаде“

Уметнички дела на билборди низ цела Америка

„Уметноста е насекаде САД" (Art Everywhere US) е иницијатива која ќе ги трансформира билбордите, автобуските постојки и платформите на метро станиците во бесплатни уметнички галерии на отворено. Изборот на најзначајните претставници на американското сликарство е направен со гласање на граѓаните.

На неодамнешната годишна конференција на градоначалниците на САД е потврдено дека почнувајќи од август на 50,000 дисплеи низ цела Америка ќе бидат поставени 58 дела кои „ќе ги доближат Американците до нивната приказна како нација, раскажана од визионерите кои успеале да ја фатат суштината на времето во кое живееле и работеле".

На ова му претходеше гласање на официјалниот сајт на иницијативата, кое се одвиваше во текот на април, за тоа кои од стоте предложени дела би требало да влезат во изборот. Тие беа номинирани од неколку музеи и галерии, како Националната уметничка галерија од Вашингтон или музејот Витни во Њујорк.

Сликата која добила најмногу гласови е онаа на Едвард Хопер од 1942, „Ноќни птици" (најгоре), од Уметничкиот институт од Чикаго. Меѓу другите дела се портретот на Џорџ Вашингтон на Гилберт Стујард од 1821, прозорец-триптих на Френк Лојд Рајт од 1912, „Летни денови“ на Џорџ О’Киф или сликата на Рој Лихтенштајн „Гледај Мики“ од 1961 (сите одбрани дела тука). Проектот ќе започне на 4. август на Тајмс сквер во Њујорк, каде на дигитални билборди ќе бидат прикажани сите 58 дела. До 31. август тие ќе „прошетаат“ низ сите 50 држави. Ќе биде достапна и интерактивна апликација, која ќе содржи повеќе детали за делата, како и аудио водич.

Слична иницијатива, но зад која стоеше само од еден уметник, под наслов „OMG, кој ми ги украде билбордите“, се случи во март оваа година, кога билбордите со реклами низ Париз беа заменети со дела од класичното сликарство. 

3 јули 2014 - 15:43