Уметниците ангажирани да создаваат оптички илузии во двете светски војни

„Во љубовта и во војната сè е дозволено“, вели една изрека. Иако тоа „сè“ може да се толкува и вака и така, обидите да се надмудри непријателот не спаѓаат во забранетите нешта.

Кога мислиме на врската помеѓу уметниците и воената машинерија прво што паѓа на памет е дека тие би можеле да ѝ служат за пропаганда. Но забораваме на можноста тие да се тивки херои и клучни учесници во разрешување на конфликтот.

Во мирно време образованието (формално или неформално) на секој уметник вклучува вештини на создавање илузии: доловување на перспектива, играње со светлина и различни начини окото на набљудувачот да се натера да гледа во една или во друга насока. Секако, не сета уметност се занимава со илузионизам, но таа е постојана тема во историјата на уметноста.

Во време на војна ваквата вештина можела да се искористи за друга, не баш уметничка цел. Камуфлирање на трупите било потребно и додека војната се одвивала на копно, но со почетокот на воздушните офанзиви ова станало критично за поразот или победата на некоја од страните.

Еден од најзначајните британски уметници кои работеле на камуфлирањето на војската во текот на Првата светска војна бил Соломон Џеј Соломон - член на Кралската академија кој бил ученик на францускиот академски сликар Александар Канабел. Во текот на Големата војна, Соломон со ентузијазам се придружил на војската за да помогне во развивање ефикасни тактики на криење и бил испратен на Западниот фронт. Неговиот метод на покривање на рововите станал многу влијателен, а измислил и тн. „дрво за набљудување“ - шуплива реплика на стебло поставено на ничија земја од каде скриен војник можел да ги набљудува непријателските ровови. Во конкретната изработка на овие дрва помогнал сликарот и скулптор Леон Андервуд (да, соодветно презиме).

Со геометриска игра на апстрактни линии и перспектива биле камуфлирани и воени бродови, така за да не може да се процени нивната вистинска големина.

Искуствата од Првата светска војна дополнително се развиле во текот на Втората, кога Британците имале и посебен Директорат за камуфлажа составен од поранешни уметници, сценографи и карикатуристи. Еден член дури бил и поранешен магионичар, а имало и режисер добитник на Оскар за документарец во 1936. Во 1942 кога сојузничките сили губеле во северна Африка, сите тие биле повикани да осмислат тактика на залажување на непријателот. Втората битка кај Аламејн бил напад кој можел да ја промени судбината на војната, а се предвидувало дека тоа ќе биде најголемата пустинска офанзива во светската историја. На уметниците им биле дадени само 28 дена да состават фиктивна армија, а вистинската да ја затскријат.

За оваа цел близу до непријателската линија биле поставени лажни тенкови и други транспортни возила, вкупно 600-тини, сите направени од гума на дување (како душеците за на плажа, само „малку“ поголеми). За да изгледа дека тука навистина е поставена војска, создадени се и лажни кантини, складишта на муниција и нафта, направени од картонски кутии и други прирачни материјали. Целта била кога германските разузнавачки авиони ќе прелетаат над местото сето тоа да изгледа верно.

Ова се покажало како клучно за победата која следела, а која ја извојувала „Фантомската армија“, чија задача било одвлекување на вниманието и збунување на непријателот, како емитување лажни радио сигнали, пуштање звуци на движење на војска преку звучници, појавување во блиските градови со униформа на различни единици и пуштање муабети кои требало да ги слушнат локалните шпиони. По завршувањето на војната, членовите на „Фантомската армија“ се заколнале на тајност, па приказните за нивниот детален и успешен план, кој личел на режирана театарска претстава, останал доверлив до 1996.

24 февруари 2021 - 08:50