Мајски оперски вечери

„Травијата“ во режија на Софија Копола

Пред неколку дена во Рим се одржа премиера на познатата опера на Верди, во режија на Софија Копола и со костими на Валентино. Бонус: сценограф е Нејтан Кроули, истиот од филмовите за Бетмен.

Валентино, кој е член на управниот одбор на Операта, ја поканил амерканската режисерка откако го видел нејзиниот филм од 2006, „Марија Антоанета", за којшто изјавил дека поседува „посебен сензибилитет и музичка естетика, балансирајќи го класичното со модерното".

Ќерката на Френсис Форд Копола вели дека најпрвин немала храброст да се зафати со режирање опера, но тимот кој ѝ стоел на располагање, како и прекрасните костими, ја мотивирале да се зафати со проектот. Истовремено, ова е поврзано и со нејзините италијански корени - нејзин роднина ја има диригирано Травијата, па тие со часови разговарале на темата.

Билетите за двете недели прикажување на операта беа речиси распродадени уште пред завесата да се крене. Кон ова придонесе и гламурот и славните личности кои присуствуваа на предпремиерата, како Моника Белучи, Ким Кардашијан и Кање Вест. Ова е добар знак за Римската опера, која не само што е традиционално во сенката на миланската Скала, туку и самата доживеа серија внатрешни конфликти и финансиски кризи (коишто започнаа уште во 2014, кога диригентот Рикардо Мути се повлече од две продукции и од своето место во одборот на Операта).

Еве го трејлерот за операта, чие либрето е правено според „Дамата со камелии" на Александар Дима:

28 мај 2016 - 11:23