Тарантино објави дебитантски роман - „Беше еднаш во Холивуд“

Го гледавме филмот, а сега може и да го прочитаме романот, кој не е директен „превод“ на сценариото во книжевна форма туку е збогатен со нови сцени и ликови.

Вообичаено книжевните дела се оние кои се филмуваат. Но ова е обратен случај и тоа двојно необичен - не само што Тарантино го претвори својот филм „Беше еднаш во Холивуд“ во книга, туку истовремено од режисер прв пат стана и писател.

Да се потсетиме накратко на содржината на филмот. Некогаш популарниот вестерн актер на залез Рик Далтон (Леонардо ДиКаприо) и неговиот двојник, каскадерот Клиф Бут (Бред Пит) се обидуваат да преживеат во индустрија којашто се менува побргу отколку што тие можат да се прилагодат на неа. Златното доба на Холивуд во 1969 за нив е при крај. Но паралелно со историски прецизното лоцирање на настаните, Тарантино си игра и со премисата на „што би било кога би било“, превенирајќи го убиството на Шерон Тејт и нејзините пријатели од страна на култот на Менсон. Филмот беше номиниран во девет категории за Оскар, а него го добија Пит за најдобар спореден актер и авторите на продукцискиот дизајн.

Во книгата Тарантино ги обработува истите настани, но го проширува својот фиктивен свет. Како полимат во областа на поп културата, тој го истражува форматот на романот комбинирајќи ги холивудските задкулисни игри и оговарањата во филмската индустрија од време кога самиот бил дете (роден е 1963). Нарацијата е во трето лице еднина, а книгата служи и како есеј за кинематографската и телевизиската историја. Дека пишувањето на оваа книга му ја отворило писателската дизна на Тарантино покажува и фактот дека на пат е и негов мемоар (има потпишано договор за две книги со ХарперКолинс).

Сепак, за читањето на книгата е пожелно најпрвин да се гледа филмот, бидејќи во спротивно (барем така велат критичарите кои ја читале книгата) човек може да се загуби во прележерно поставената структура. Ако филмот е гледан, тогаш ликовите еманираат харизма која ја преземаат од другиот, филмски медиум.

„Тарантино не е Хенри Џејмс“, вели критичарот на Гардијан. „Тој прекумерно објаснува, се повторува и користи генерички фрази за да ја заврши описната работа.“ Но Тарантино е игрив на други начини - со метафиктивни гестови, како давањето режисерски кредит на самиот себе во резиме на дете-ѕвезда на каубојско шоу во книгата.

Претворањето на филмот во роман ќе ја задоволи жедта на фановите за подлабоко навлегување во ликовите и во атмосферата на 1960-ти во Америка. Меѓу нив цели шест страници посветени на денес подзаборавен доцен еротски уметнички филм „Љубопитен сум (жолто)“. Или две страници на техниката на градење неизвесност на Роман Полански во „Бебето на Розмари“. Цело поглавје за кариерата на вестерн ѕвездата Џејмс Стејси (да, кој е Џејмс Стејси?) и уште куп такви навидум маргинални дела и уметници, кои само ја изразуваат страста на Тарантино за филмска носталгија.

6 јули 2021 - 19:25