Сто илјади милијарди сонети

Како што ние се обидуваме да комбинираме наслови на вести за да добиеме некаква песничка која има смисла, така и Рејмон Кено смислил систем за генерирање песни со комбинација на стихови. Само за да ги прочитате сите негови ќе мора малку подолго да поживеете. 

Не знаеме како точно да ви ја опишеме „Сто илјади милијарди сонети" на Рејмон Кено. Да речеме дека е книга, или повеќе збирка, од 14 групи од по 10 стихови. Секој стих од секоја група е напишан на посебно ливче, така што со одбирање на еден стих од првата, па друг стих од втората група, и така до 14, се добива сонет. Бидејќи има 10 опции за секој од 14-те избори, следи дека на овој начин можат да се добијат 10 на 14-та различни сонети. Дури и во случај да се обидете да ги читате 24 часа дневно, за да ги поминете сите комбинации би ви биле потребни 140.000.000 години.

Ова дело се смета за типично за Oulipo (Ouvroir de littérature potentielle) или „Работилница за потенцијална литература", неформална група на главно француски писатели и математичари кои во шеесетите на минатиот век се обидувале да експериментираат со однапред зададени шеми на пишување, како на пример составување песна користејќи само еден вокал, пишување со палиндроми (зборови кои се читаат исто и од напред и од позади), како и такви базирани на математички проблеми. Основач бил самиот Кено, а други славни членови биле Жорж Перек и Итало Калвино.

Исто како и генералното дело на Кено, и овие сонети како и да ги комбинирате немаат некаква наративна „логика". Но сепак секоја група има тема која доминира: 1 - Јужна Америка, 2- древна Грција, 3 - морето, 4 - Индија, 5 - Италија, 6 - посета на Париз, 7 - близнаци и двојство, 8 - поезија, 9 - храна и пијалок и 10 - смрт.

Тука една елегнатна апликација за генерирање сонети на француски и уште една за случајни комбинации на англиски.

Целата идеја за недофатливоста на крајната смисла на некоја песна и залудноста на нашите напори таа да се „скроти“ одлично се илустрира со една друга негова:

Боже Господе како ми се пишува
една мала пeсна.
Гледај, еве ја како ми паѓа на памет
мала, малечка, оволкицка
Дојди бе тука да те нанижам
на конецот на ѓердани на другите мои песни
Дојди тука да те бутнам
во пастелот на моите целокупни дела
Дојди ваму да те легнам
и да те досликам
и да те доритмувам
и да те залирувам
и да те опегазам
и да те престихувам
и да те впрозам

А таа - свиња,
ми избега...

14 март 2014 - 16:14