Сте чуле за Мелесагора: кој бил вистинскиот Хомер?

Книжевната историја не поднесува „дупки“ и вакуум во нашето познавање на следоредот на настаните. Оттаму, било многу важно да се наполни биографијата на Хомер, па макар се шпекулирало со шест различни татковци, седум можни места на раѓање и датуми кои се во опсег од дури четири векови.

Најраната визуелна претстава на Хомер е римска копија на глава, која денес се чува во Минхен, а која некогаш припаѓала на стоечка статуа во реална големина од храмот на Зевс, Олимпија, датирана 460 години пред нашата ера. Подоцнежни примери на оригинални портрети се од високата класика (430 п.н.е.) до доцната антика. На повеќето од нив Хомер е прикажан како стар и слеп, во поза како тивко да слуша гласови кои му доаѓаат од небесата. На други тој не е слеп, туку спокојно чита, или барем е навален над некаков текст. Неговата коса е или елегантно средена или бушава, понекогаш со ќелаво теме. Разликите во овие претстави се значајна, а во најмала рака варијациите се некој вид признание за незнаењето и мистеријата околу ликот на Хомер.

Всушност, овие портрети се повеќе насока за тоа каква била, или каква треба да биде замислата за Хомер, и нудат илузија на автентичност на еден „типски“, генерички портрет на мудар поет, рамен на пророк.

Хомер од Лувр на пример, претставен од францускиот неокласичар Жан-Огист-Домин Енгр во 19 век, ги содржи истите назнаки на старост - опадната мускулатура на лицето, ќеси под очите, ретка коса, долга бела брада, а и фигурата во целина одразува спокој и грандиозност. Но како таква таа повеќе наликува на митолошка, отколку на реална. По таа линија, неговиот лик може да се крие и во повеќе други дела, а да не е означен како таков.

Како што тоа важи за визуелните претстави, така и деталите за „животот на Хомер“ се контрадикторни. Ако Хомер не може да биде идентификуван, дали тоа значи дека и никогаш не постоел? Па сепак, целосното незнаење за неговата биографија во антиката иницирала сосема обратна реакција. Најмалку познатите, но и најголемите поети чувствувале потреба да се занимаваат со него - книжевната историја презира вакуум. Соочени со толку голема неодреденост околу авторот на „Илијада“ и „Одисеја“, тие биле опседнати со пополнување на празнината, произведувајќи биографија на поет кој, како што се претпоставувало, МОРАЛ да постои во некој момент во минатото, како и која и да е друга важна историска фигура. Хомер оттаму требало да биде опремен со генеалогија, педигре, место на потекло, Си-ви, список на наслови, познати причини за смрт и место каде бил закопан. Од оваа неопходност искрснал еден цел жанр на написи за неговиот живот, познат како „Хомеровите животи“. И тоа не бил единствениот поет кој заслужил ваква митологија, но сепак неговата е најдетална и со најголем број разлики помеѓу верзиите.

„Животите“ се всушност колективни халуцинации, „документи“ кои се комбинација на чуено-недочуено и замислено-излажано. Поради начинот на кој растеле и се менувале со текот на времето, изгледа како да опишуваат повеќе живот отколку што е можно да проживее еден човек. Оние кои ги ширеле се надевале дека ќе станат „инфлуенсери“ на темата, а живописноста на верзиите во денешно време би се натпреварувале за лајкови и кликови. 

Според нив Хомер имал повеќе од шестмина различни татковци, од кој еден бил синот на Одисеј, Телемах, и исто толку мајки, меѓу кои една кандидатка била Поликаста, ќерката на Нестор (грчки воен и искусен државник кој фигурира во еповите на Хомер). Роден е на најмалку седум места, а најверојатно живеел или во времето на Тројанската војна или до четири века потоа. Според еден извор, се заљубил во Пенелопа, се преселил на Итака па оттаму и објаснувањето зошто ѝ дал главна улога во „Одисеја“. Според други, Хомер бил помлад братучед на неговиот сопствен ривал, Хесиод.

Името (хомерос) можеби е клуч за неговиот идентитет и судбина: дека бил патник, водич, затвореник, слеп човек или оној кој не гледа (ho me horon), зависно од дијалектот и тврдењата. Како и да е, Хомер изгледа дека му бил прекар, а оригиналното име можеби било Мелесигенес, Мелесагора или Мелесино, во чест на неговиот замислен татко, богот на реките Мелес во Смирна, близу брегот на Мала Азија. Но споменот за неговото родно место „крај реката Мелес“ некако не асоцирала на аристократско потекло, па некои од неговите биографи го отфрлале. 

Во сета оваа „каша-попара“ од информации, единствено што е јасно е нашата, човечка потреба од постоење на еден таков лик, кој и покрај својата човечка природа, поради сета таа мистериозност со текот на вековите напластил и божествени карактеристики.

(од „Хомер: една идеја“ од Џејмс Портер, издание на University of Chicago Press, 2021) 

13 октомври 2021 - 12:19