Случајно?: необичното искуство на коинциденцијата

„Случајно совпаѓање или поклопување, истовремено случување“. Вака гласи дефиницијата на „коинциденција“ во речникот на македонски јазик. Но таа не го отсликува очудувањето кое го чувствуваме кога ќе ни се случи таков настан за кој често се прашуваме - дали е навистина нешто што не е „местено“ да биде така?

Терминот „коинциденција“ покрива широк спектар феномени, од космички (кога при тотално затемнување на сонцето, дискот на Месечината и на Сонцето изгледа дека имаат идентичен дијаметар), до интимно (кога нечија внука е родена на ист роденден со починатата баба). На човечко ниво, може да се направи разлика помеѓу „среќна околност“ (на англиски - serendipity) - непланирано откритие или развој на настаните - и она што се нарекува серијалност, закономерна повторлива појава на исти или слични нешта и настани во време и простор. Сепак, обете би можеле да се наречат коинциденции.

Биографијата на актерот Ентони Хопкинс содржи пример за првото. Кога слушнал дека добил улога во филмот „Девојката од Петровка“ (1974), тој почнал да бара примерок од книгата на која било базирано сценариото, роман од Џорџ Фајфер. Поминал цел ден чешлајќи ги книжарниците низ Лондон и на крај се откажал и тргнал дома. На негово изненадување, на клупа на станицата Лестер Сквер ја забележал токму таа книга. Му ја раскажал приказната на авторот кога се сретнале на снимањето, и излегло дека книгата на која налетал Хопкинс била истата што тој ја загубил во друг дел од Лондон - примерок полн со белешки со црвено пенкало кој ги правел за американското издание. 

Холивуд пак нуди пример за серијалност. Л. Френк Баум бил плоден детски автор, најпознат по „Прекрасниот волшебник од Оз“ (1900-та). Не доживеал да си го види делото преточено во антологискиот музички филм, но сепак имал неверојатна врска со филмот. Актерот Френк Морган играл пет улоги во „Волшебникот од Оз“ (1939), вклучително и насловната. Неговото прво појавување во филмот е како професор Марвел, патувачки читач на судбина. Филмската анегдота вели дека кога првите снимки биле пуштени на големото платно, излегло дека неговиот капут делувал премногу свечено како за патувачки магионичар. Луѓето од костимографското одделение веднаш биле пратени по продавници за облека од втора рака да најдат нешто посоодветно. Оделото за коешто се одлучиле имало изветвена кадифена јака и совршено му стоело на актерот. Дури потоа било откриено дека во него имало етикета со натпис: „Направено од Браќата Херман, специјално за Л. Френк Баум“. Баум починал дваесетина години пред излегувањето на филмот, но неговата вдовица потврдила дека се работи за негово сако, и го добила на подарок по комплетирањето на филмот. 

Некои коинциденции изгледа како да содржат елемент на хумор, замислен од некаков луциден и каприциозен дух, за сопствена забава. Но други делуваат мрачно и морничаво. Во 2007, новинар на Гардијан започнал „рок-гробарска одисеја“, посетувајќи ги последните почивалишта на познати британски музичари. Некаде на половина од процесот, стигнал во малото село Рушок во Ворчестер за да собере материјал за гробот на тапанарот на Лед Цепелин, кој починал на возраст од 32 години на 25 септември 1980, откако испил големо количество алкохол. Фотограф на Гардијан бил на истото место неколку дена претходно за да ја заврши својата работа. Денот бил студен и маглив, како од хорор филм, а фотографот бил изваден од памет од појавата на залутано црно куче, кое се измочало на гробот и потоа одеднаш исчезнало. „Црно куче“ (1971) е една од најпознатите песни на Лед Цепелин. 

Ако човек почне да навлегува во коинциденциите, светот одеднаш изгледа преполн со чудни врски и сили. Тоа е состојба на умот која е слична на „апофемија“ - тенденција да се наоѓаат злокобни врски помеѓу навидум неповрзани настани, што може човека да го затера во психоза. 

Еден од најпознатите проучувачи на овој феномен на „случајните совпаѓања“ е Пол Камерер, австриски биолог од крајот на 19-ти и почетокот на 20 век. За него во друг контекст пишувавме во „Биологот кој се самоубил затоа што бил обвинет за измама“. Во неговата книга „Законот на сериите“ (објавена само на германски) се содржани 100 анегдоти за коинциденции кои тој ги искористил за да постави теорија дека сите настани се поврзани со бранови на серијалност. Непознатите сили предизвикуваат тие да бидат доживувани како „случајности“. Камерер бил познат по тоа што во паркови запишувал во тефтер колку луѓе минуваат во моментот, колкумина од нив носат чадор итн. Ајнштајн за неговите идеи рекол дека се „интересни, и секако апсурдни“, а пак Карл Јунг им се надоврзал во својот есеј „Синхроницитет“. Дури и биографот на Камерер, Артур Кестлер, изјавил дека додека го вршел истражувањето за својот субјект бил подложен на „метеорски дожд“ од коинциденции, како духот на Камерер да му вели - „Ти реков!“

извор

28 март 2023 - 19:02