Скандалот со отровно бебешко млеко кое се правело од остатоци од дестилација на алкохол

Во 1850-тите бебињата во Њујорк добивале мистериозно труење. Речиси 8000 новороденчиња умирале годишно од неконтролирана дијареа. Во јавноста кружеле разни теории, додека еден новинар не ја открил вистинската причина.

Во средината на 19 век во Њујорк почнала да владее вистинска епидемија помеѓу новороденчињата кои умирале од стомачни тегоби и дијареа. Во време кога медицинската дијагностика била многу понеразвиена, докторите и јавноста развивале различни теории, на пример за тоа дека станува збор за посебен вид колера која ги погодува само бебињата, или за маразмус или алиментарна дистрофија, екстремна форма на прегладнување. 

Но во 1858 еден новинар по име Френк Лесли ја открил вистинската причина: кравјото млеко.

Њујоршките крави биле одгледувани во близина на дестилерии на виски, каде биле хранети со течни житарици - остатоци од процесот на добивање алкохол. Кашата која всушност била отпад се уште содржела хранливи материи, па оттаму ова било економски исплатливо таа да се користи за прехранување крави. Добиеното млеко сепак имало сомнителна синкава боја, па било обелувано со гипс и згуснувано со скроб и јајца, а продавано како „чисто селско млеко“ (денес би рекле „органско“) под името Оринџ Каунти милк. 

И не само што млекото не чинело, туку биле ужасни и условите во кои биле одгледувани кравите, понекогаш стотици во истата тесна просторија, кои стоеле во сопствениот измет покриени со чиреви и муви и кои биле болни од разни заразни болести. 

Се разбира јавноста не знаела ништо за ова, во време кога се сметало дека кравјото млеко е високо нутритивно и добра замена за мајчиното. Економските и општествените притисоци оделе во насока на тоа мајките што побрзо да ги одбиваат бебињата и да се вратат на работа. Загаденото млеко било евтино, само шест центи за мало шише, што особено им одговарало на семејствата со пониски примања. Но и жените од средната класа, кои имале бројни деца, требало да си ги исполнуваат обврските во смисла на одење на посети и примање гости, како и раководење со домаќинството, па оттаму и тие посегнувале по кравјото млеко, кое дури и да било чисто, можело по пат да се расипе во вагоните кои го превезувале од селските фарми во Оринџ, без потребната климатизација. 

Со оглед на тоа што отпадот од дестилацијата бил со висока температура, кравите вообичаено одбивале да го јадат, но по неколку дена од очај почнувале да го прават тоа. Наскоро имале расипани заби, кожни заболувања и им опаѓале опашките. И покрај сето ова, до доцните 1830-ти ваквото млеко претставувало 50-80% од сето млеко кое се конзумирало во големите северно-источни градови во САД.  

И пред обелоденувањето на скандалот од спомнатиот новинар, реформаторот Роберт Хартли се обидел да го привлече вниманието, објавувајќи извештај кој го поврзувал загаденото млеко со морталитетот на бебињата. Но неговите наоди не привлекле големо внимание бидејќи доаѓале од човек кој бил против алкохолот, па оттаму овие негови ставови биле толкувани низ таквата призма. 

Секако, помогнало и тоа што богатите производители на алкохол имале на-ти-дај-ми со тогашните политичари, и не биле под кој знае каква владина контрола. Со оглед на тоа што шталите немале прозорци, лесно било да се мами јавноста дека ништо од тврдењата не е точно. 

Пред да го обелодени своето откритие, Френк Лесли го дал на хемиска анализа млекото кое му било оставено пред врата, а потоа ангажирал цел тим репортери и уметници кои се упатиле во седиштето на „млекарата“. Уметниците биле потребни за да се репродуцираат страшните слики кои можеле да се видат таму. Уште пред да ја објави сензационалната статија тој ја подгревал јавноста со платени огласи во други медиуми, со реченици како: „Дали сте свесни какво млеко пиете?“. Во својот весник „Илустрејтед њуспејпер“, освен текстот, објавил и прецизни мапи со местата каде било продавано млекото и млекарите кои го произведувале. Секако, тој и неговите соработници биле цел на напади, а често морале да се прикрадуваат и тајно да влегуваат во локациите, ризикувајќи си го животот. 

Кога читателите почнале да организираат протести пред вратите на млекарите, властите биле приморани да испратат инспекции, иако изгледа дека тие однапред ги информирале сопствениците за овие да имаат време да ги исчистат шталите. По сослушувањата и недоволно прецизните хемиски анализи, мнозинството од воспоставената комисија гласала во полза на тоа да се задржи млекото, препорачувајќи само подобра вентилација на просториите. Весникот продолжил да објавува карикатури на кои политичарите ги бојат сиротите прегладнети крави бело (или пијат од нивните вимиња), а сопствениците на млекарите им ставаат пари во џебовите. Нови законски одредби биле изгласани дури во 1862, по упорен активизам на Лесли. Требало да поминат уште години пред пастеризацијата и соодветниот транспорт на млекото да гарантира негов квалитет. 

извор

30 септември 2022 - 16:38