Што е тоа „пријател“?

Пријателството е дискретна работа, многу приватна и настрана од секоја јавност. Пријателот мисли и се грижи. Пријателот е тука кога човек е на мака, од животот и од проблеми. Има школа на мислење која упорно тврди дека машко и женско не можат да бидат пријатели. Моето искуство вели дека можат, и тоа како. Дури и ако им се случило да се опнат, верувајте.

Според кои критериуми некој некому е пријател? Тоа прашање е прилично деликатно и тука постојат различни несогласувања. Познаник? Другар? Пријател? Познаникот го познаваме на „здраво-здраво" и толку. Другарот е кафански или од работа, или од лов, или од школо и од маало. Ќе испиеме по една пијачка и тоа е тоа. Пријателот е во принцип „домашен", како што тоа се вели во Белград: се посетуваме, спиеме едни кај други ако сме од различни градови, летуваме заедно. Сè е тоа убаво и фино, но не е доволно за некоја подлабока дефиниција на пријателството. Мора тука да има уште нешто. Кога пријателите „взаемно се преценуваат", како што Ангел Миладинов го опишуваше односот на Момо Капор и Марио Фанели, тоа не завршува добро, како ни други такви извикани пријателства за јавна и статусна употреба. Пријателството е дискретна работа, многу приватна и настрана од секоја јавност.

Пријателот мисли и се грижи. Пријателот е тука кога човек е на мака, од животот и од проблеми. Кај пријател се засолнуваш од мобилизација, од опасност, од присилно водење на суд, во брачна криза. Тоа последното е важно, знам од искуство: во осумдесетите се случи - како да сум некој психијатриски надрилекар, Боже ме сочувај - со месеци да слушам, тешам и советувам (колку знам и умеам) пријатели во брачни кризи. Со моите нерви и сочувство (емпатија), тоа некако успеав да го издржам; мојата тогашна жена паѓаше во благи нервни сломови со плачење. Дали им помогнав или не - не знам, веројатно да. Барем се надевам. Тука почнав да размислувам за феноменот на човечката блискост која не е љубов, не е секс (тоа па ич), не е заеднички интерес, чиста човечка блискост. После се обидував тоа да го сумирам во една книга проза чиј поднаслов требаше да биде „Истражување на човечката блискост", но тоа мојот уредник Златко Црнковиќ го исфрли, со право претпоставувам, затоа што Златко е секогаш во право. Книгата пропадна во дупката помеѓу Србите и Хрватите есента 1990, кога излезе, но целиот тираж се продаде.

Изгледа дека таа чиста човечка блискост, навидум беспричинска, игра некоја улога во пријателството. Блискост која подразбира взаемно почитување, дискретност, пристојност. Тоа се однесува и на пријателството со жени. Има школа на мислење која упорно тврди дека машко и женско не можат да бидат пријатели. Моето искуство вели дека можат, и тоа како. Дури и ако им се случило да се опнат, верувајте. Знам дури и разведени кои останале во убави пријателски врски - верувале или не. Тоа има врска со човечките квалитети: простувањето, разумот, правилното сфаќање на љубовта, пристојноста. Со почитувањето на другиот - пред сè, затоа што без тоа не вреди ни да се заснова врска, но тоа - секако - никому не може да му се објасни..Пизма, љубомора, одмазди, разочарувања, сето тоа е многу лошо и не води никаде. Пријателството, кога ќе размислам, се заснова пред сè на почитување на оној другиот, на жена или маж сеедно.

Пријателствата, исто така, знаат и да завршат. Понекогаш тој крај е горчлив и тажен. Доаѓа, така, момент на избор - морален и политички, што се сведува на исто - кога пријателите не се согласуваат или се конфронтираат. Во тој миг е најдобро човек да се повлече тивко и со внимание и со љубов да ги проретчи гледањата и односите, со жалење кое човек го задржува за себе. Бившиот пријател кој својот бивш пријател ќе почне да го плука јавно од етнички, политички или верски причини (наши најчести примери) е обична пизда и не ни заслужува пријател. Тоа барем сме го имале. Бившиот пријател почнува да го плука по етничката средина својот бивш пријател (кој и не знае дека е веќе бивш); заборава дека во истата таа средина спиел кај својот пријател во станот и во викендичката, дека пловеле по море, дека лудо се журкале со години во Почитељ, кај Муто и Раиф во кафана, дека никој не го пипкал, дека никој немал забелешки на неговиот етнички сој, па тогаш тој плука по сите нив и го поддржува нивното истребување. Е, па тоа не е пријателство.

автор: Милош Васиќ

10 април 2013 - 15:41