„Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам“: по трагата на една 100 години стара афирмација

Денешните самонаречени мотивациски тренери и животни советници можеби мислат дека нивните занимања се измислица на новото време и дека тие имаат некаква револуционерна улога во истото. Но моќта на автосугестијата била позната одамна, а неа ја промовирал еден француски психолог од 19 век.

Нова епизода од хрватскиот „Кој сака да биде милионер?“ донесе возбуда кога беше отворено 14-тото, претпоследно прашање, за 68.000 евра. Тоа гласеше:

„Кој татко на авгосугестијата е творец на мантрата: Секој ден, во секој поглед, се повеќе напредувам“?

Помеѓу понудените одговори - Фром, Адлер, Пијаже - имаше едно кое како понепознато требаше да го привлече вниманието за толку висока сума, а чии популарни методи поттикнувале критики од психо-медицинскиот естаблишмент на неговото време. Лечење на психички симптоми со афирмации? Каква опасна сугестија!

Но името на Емил Куе, француски психолог и аптекар кој живеел од 1857 до 1926, ќе стане познато многу подоцна, со подемот на методите на самопомош и дневните мотивациски афирмации. Претпоставката е следна - секоја идеја која го окупира мозокот доминирајќи над сите други постепено станува реалност, секако до степен во кој нејзиното исполнување е можно. Обратно, негативните мисли (на пример „Нешто не ми е арно“), го поттикнуваат и телото и умот да ја прифати оваа мисла и, дури и во отсуство на реални физички симптоми, истите да ги развие како да се такви. 

Како „татко“ на автосугестијата тој создал една генерална мантра, наречена „Куеизам“, нам најпозната по филмот на Кустурица од 1981 - „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам“. Рутинското повторување на овој израз како посебен ритуал, до дваесет пати дневно, може да доведе до подобрување на самодовербата и генералното самочувство. Кога го прашале Куе дали се чувствува како исцелител тој изјавил: „Никогаш не сум излечил никого. Само сум им покажал како да се излечат самите.“

Првично, тој ги третирал пациентите врз основа на хипноза, но сфатил дека ефектите исчезнувале кога тие станувале свесни. Неговата цел оттаму била свесна работа на несвесното - користење формула која длабоко навлегува во умот и од таму влијае врз посакувани промени во телото или умот. 

Можеби не верувате дека од ова има некаква корист. Но не гледаме ни некоја голема штета. Затоа, повторувајте по нас:

10 ноември 2023 - 10:03