Револуцијата која започнала поради - запирки

Во септември 1905, печатарските работници во една издавачка куќа го запреле процесот. Барале во пресметката на надниците да им се сметаат и интерпункциските знаци. Со оглед на тоа што запирките биле најчести, овој штрајк е наречен „штрајкот на запирката“.

Името на Иван Ситин било прочуено низ цела Русија на преминот од 19 во 20 век. Ова не е чудно доколку се знае дека тој во текот на својот живот објавил половина милијарда (да, да) книги, списанија и весници. Бил сопственик на девет дневни гласила и на дваесет списанија, меѓу кои најпознатите од тој период, Вокруг света, Руское слово, Ден и др. Неговата мрежа на книжарници и трафики се протегале од Варшава до Иркутск. Тука тој ги имал купено најдобрите места за продажба на весници, на пример на 28 главни железнички станици каде имал над 600 киосци.

Во статистиката за производството на неговите печатници фигурираат, на пример, 369 наслови на учебници, со над 4 милиони примероци. Или „духовни и морални“ изданија, 192 наслови, произведени во над 13 милиони копии. Да не зборуваме за календари, речници, популарна наука и детски книги.

Но во септември 1905, неговите работници од печатницата започнале штрајк со необично барање - во пресметувањето на надницата да им се земе предвид ставањето на интерпункциските знаци. Нивната (издржана) логика била дека редењето на запирки, на пример, одзема исто количество време и енергија колку и редењето на која и да е буква од руската азбука. Ним во знак на солидарност им се придружиле и други занаети, како пекари, банкари па дури и членовите на кралскиот балет.

Така „Штрајкот на запирката“ се проширил во oна што денес е познато како Прва руска револуција која ја зафатила целата земја, а довело до тоа царот Никола Втори да направи уставни реформи. Тие подразбирале воспоставување на државна „дума“ (парламент) и повеќепартиски систем. И сето тоа поттикнато од малите, но важни запирки.

11 септември 2020 - 16:23