Букбокс читанка

„Разговор со учениците“ од Игор Довезенски

Дури и од боречки вештини да знаете само некого прекорно да го погледнете (па и тоа неефикасно), прави впечаток кога некој кој во Македонија се занимава со нив одлучил да напише и самиот да издаде книга од 250 страници на оваа тема. 

На почетокот скептична дека таа можеби ќе биде исповед во стилот на „како станав нинџа", набргу го сменив мислењето – Игор можеби знае да ракува со нунчаки, но знае и да го пренесе искуството со овие вештини.

Бидејќи книгата се вика „Разговори со..", претставувањето на книгата ќе го направиме токму низ муабет. Важно: ниту еден од учесниците не беше повреден во текот на интервјуто.

За некој кој воопшто не е упатен во традиционалните јапонски боречки вештини, оваа книга повеќе се чита како автобиографија на некој којшто очигледно е длабоко навлезен во нив, но и како хроника на општествениот контекст во кои тие се развивале во Македонија. За оние упатените пак е потсетување на нивниот историјат, основи и духовната позадина. Кому му се обраќаше ти кога ја пишуваше книгата, на првите, на вторите или на некој трет?

Книгата е напишана на лесен и разбирлив начин, со цел секој што ќе дојде во допир со неа да може да ја разбере односно да се запознае со јапонските традиционални боречки вештини познати под заедничкото име - корју буџутсу. Таму каде што се користат јапонски термини, објаснети се со фусноти, со што повторно се добива впечаток дека книгата е напишана за пошироката читачка публика.

Што се однесува до тоа кому се обраќам, морам да кажам дека тоа е првенствено на моите ученици. Тоа се оние луѓе кои со години го следат учењето за класичните јапонски борбени стилови кои биле развиени пред неколку столетија во Земјата на изгрејсонцето и кои имаат една единствена цел – да нè (само)усовршат на секое поле во животот.

За кои точно вештини станува збор? Дали со оглед на културолошките разлики помеѓу Јапонија и Македонија тие навистина можат да функционираат онака како што тоа го прават во својот оригинален контекст? Истовремено, дали тие се модернизираат и во самата Јапонија, со оглед на тоа што некои од нив се стари и неколку векови?

Ја имав таа среќа или несреќа да бидам првиот Македонец (и засега единствениот) кој ги донесе класичните јапонски боречки вештини во Македонија. Велам среќа, бидејќи не би можел да го замислам моето егзистирање без буџутсу, но несреќа бидејќи целиот товар и одговорност за нивното правилно пренесување лежи на мојата душа. Јас не се доживувам како учител, туку само како медиум низ кого течат зборовите и техниките на моите јапонски учители, кои всушност се наследници на борбените школи за кои зборуваме.

Претставник сум за десетина корју (класични боречки традиции), меѓу кои и за најстарата јапонска документирана школа – Теншин Шоден Катори Шинто рју.

Културолошките разлики меѓу Македонија и Јапонија не се толку големи за да спречат некого да се посвети на изучување на јапонското наследство преточено меѓу другото и преку нивните борбени традиции. Функционалност на боречките вештини е безвременска, бидејќи во нив не станува збор само за техники на борење и форми, туку и за една филозофија на живеење која што е применлива при секакви ситуации во секојдневниот живот. Принципите кои што се изучуваат преку буџутсу, можат да се применат при решавање на секаков конфликт. Умешноста е да се победи на едно повисоко ниво. Уште пред да дојде до вербален конфликт. Физичката борба останува секогаш последна опција откако сите други ќе бидат целосно исцрпени, но и тогаш, личноста која што тежнее кон совршенство ќе настапи свесно и со желба да го сочува животот и интегритетот на противникот. Токму тука се забележува најголемата разлика меѓу модерните и традиционалните боречки вештини. Нашата цел не е до го повредиме напаѓачот, туку да го соочиме со неговата злобна намера и тој самиот да види дека насилството раѓа само насилство и не води кон добро.

Класичните јапонски боречки вештини не се модернизираат, особено што наследниците (познати под синонимот соке) имаат задача да ја сочуваат чистотата и оригиналноста на првиот основач (познат преку терминот рјусо). Но тоа воопшто не значи дека нивната применливост е исфрлена од употреба. Принципите, законите и начините на движењето на човечкото тело се исти. Начинот на размислување е непроменет. Доколку вие научите да го избегнете нападот со исчекорување на страна, воопшто не е важно дали ќе бидете нападнати со тупаница или со ладно оружје. Во буџутсу, оружјето се смета за продолжена рака односно како средство за намалување на растојанието помеѓу вас и вашиот противник. Законите на физиката се секогаш исти. Доколку научите да се одбраните од класично средновековно оружје, вие ќе бидете способни да се движите вешто и да го предвидите следниот чекор на напаѓачот.

Дали како учител можеш однапред да препознаеш карактерни и физички способности кои од некого можат да направат „нинџа"? Дали овој популарен термин е приближен до она што се учи во „доџо"-то? Кои се тие особини?

Можеби многумина ќе останат разочарани кога ќе слушнат дека терминот нинџа е прилично нов и популаризиран од страна на јапонската поп-супкултура која што зема замав во триесетите години на минатиот век. Потоа, во осумдесетите години истата е пренесена на запад и вулгаризирана од страна на холивудската, а потоа и на хонконгшката филмска индустрија каде што нинџите се претставени како убијци или маѓепсници кои се претвараат во различни животни, или, пак, ги снемува со едно плескање на рацете. Таа штета засекогаш ќе остане видлива, а терминот „нинџа" ќе се користи во една пежоративна смисла.

Во историски контекст, нинџите биле познати под неколку имиња, но најчесто за нив бил користен терминот „шиноби". Што се однесува до нивната улога во општествениот живот на Јапонија, станува збор за припадници на најниската воинска класа (буши) кои имале за цел да прибираат информации за противникот, но и да вршат разни диверзантски акции, како и саботажи во редовите на непријателската војска. Споредено со некоја денешна професија, би можел да кажам дека се нешто помеѓу разузнавачи и членови на малите тимови на извидувачи при професионалните армиски единици.

И на крајот да одговорам на делот за препознавање на карактерните и физичките способности на евентуалните „кандидати" за нинџа. Поголем дел од луѓето кои што се зачленуваат во моето доџо, немаат цел да постигнат некакви супер-резултати кои ќе ги доближат до способностите на јапонскиот „нинџа". Всушност, многумина доаѓаат рекреативно, со цел да се растеретат од секојдневните обврски, како и да го подобрат своето здравје преку зголемување на психо-физичката кондиција. Сепак, со текот на времето, кај многумина се зголемува интересот и за историјата и традицијата на јапонските боречки вештини, а со тоа започнува и Патот кој многу тешко се напушта. После толку години водење на доџо, можам со голема сигурност да ги издвојам сериозните вежбачи кои поинаку гледаат на тоа што јас го предавам и кои еден ден ќе станат мајстори на вештините кои што ги вежбаат.

Кој филм би го препорачал како добра комбинација на акција, но и коректно пренесување на јапонските боречки вештини (без топорења и холивудски финти)?

Единствено во филмовите на Акира Куросава и сличните би ги нарекол „јапонски класици", може попрецизно да се долови духот на времето во кое што егзистирале јапонските воини познати како самураи и нинџи. Тоа што доаѓа од Холивуд е само искривоколчување на историјата на далечниот исток, со цел да се остварат поголеми приходи во кино-благајните преку примамување на поголема публика.

Неодамна прв пат беше во Јапонија. Со какви впечатоци се враќаш од таму?

Ако почнам да зборувам за тоа, ќе треба да „везам чаршафи" кои тешко дека читателите на „БукБокс" ќе имаат време и желба да ги прочитаат до крај. Едноставно можам да потврдам нешто што со години го слушав од моите ментори, а тоа е дека секој што упорно и посветено вежба боречки вештини може да стане добар и вешт борец. Но доколку некој сака навистина да ја разбере традицијата и културата на Јапонија, неопходно е да отпатува таму и барем неколку недели да вежба во доџо-ата на јапонските учители.

Игор можете да го контактирате на овој мејл, а книгата ја има тука.

18 октомври 2014 - 09:46