„Пропаганда-кондом“: водич за дезинформациски сленг

Методите на ширење дезинформации не се нови, но како што тие се развиваат, и како што стануваат пософистицирани, така станува поширок и опсегот на термини за означување и на оние кои вршат манипулација, и на нивните тактики.

Тактиката е од древни времиња, па сепак самиот термин „дезинформација“ се појавил дури во 20 век. Една теорија е дека негов автор е Сталин, а дека другите јазици го презеле од рускиот. Во текот на студената војна СССР ширел лажни информации за да ги прошири општествените и политичките поделби на другата страна од Железната завеса. Една од кампањите, од 1980-тите, вклучувала ширење гласини дека Америка ја измислила сидата како вид биолошко оружје (и била наречена „Операција Инфекција“.

Поблиску до нашево време, главниот канал на ширење дезинформации е интернет. Повеќето избори сега се придружени со организирани кампањи за ширење онлајн гласини за напад на опонентите или за манипулирање на мислењето. Минатата година вакви кампањи имало во 81 земја, што е голем пораст од 2017, кога бројката била 28 (според Универзитетот во Оксфорд). Понекогаш политичките партии ги организираат самите, но често плаќаат и приватни компании за да ја вршат оваа работа. Дезинформациските кампањи можат да бидат водени и од странски сили кои сакаат да влијаат врз изборниот резултат. Притоа има различни тактики, а за нив во различни јазици е развиен и посебен сленг. Eве неколку интересни термини:

„Геслајтинг“ (предлог македонски превод: палигасување)

Облик на психолоша манипулација која прави жртвата да се сомнева во сопствениот здрав разум. Ова беше збор кој влезе во финалето за збор на годината уште во 2018. Терминот е од наслов на истоимен филм од 1944 - сопруг убиец се обидува да ја поремети жена си со тоа што психолошки ја манипулира, и ги пали и загасува светлата (тогаш на плин односно на гас) во куќата.

Во контекст на политиката, ова е стратегија за „правење будали“ на цело население, со ширење лаги и искривоколчување факти, со тоа што гласачите почнуваат да се сомневаат во сопственото расудување. Кога луѓето веќе не ѝ веруваат на реалноста, тие бараат поддршка во политичките лидери, за тие да им кажат што е вистина а што лага.

Пропагандон (руски)

На голем број Руси очигледно и историски и актуелно им е преку глава од лажни вести, па овој „прекар“ ги опишува оние луѓе кои ги шират истите - пропагандни кондоми. Терминот најчесто се однесува на новинари кои шират државна пропаганда, како Дмитри Киселов, познат ТВ водител, познат на запад како „главниот пропагандист на Кремлин“.

Исто како и во македонскиот, „гандон“ или кондом се користи како генерална навреда, без да се однесува на посебна карактеристика или начин на однесување. Тука е само допрецизиран.

WhatsApp University
(Универзитет Ватсап)

Заборавете ги Харвард и Оксфорд. Кога станува збор за формирање светогледи и моделирање на дискурсот, највлијателните „универзитети“ се социјални мрежи и сервиси за пораки. Ватсап е апликација која често се користи за ширење теории на заговор и лажни вести. Терминот е најкарактеристичен за Индија, каде има над 400 милиони Ватсап корисници, повеќе од која било друга земја.

五毛 (wumao)
1. 50 центи
2. Онлајн поддржувачи на Кинеската комунистичка партија

Познато е дека Кинезите имаат јака контрола врз користењето интернет во земјата, каде се забранети голем број странски сајтови. Постојат локални апликации за пораки, но и тие се цензурирани.

Терминот „50 центи“ опишува група луѓе кои се платени од властите за да постираат про-режимски пораки онлајн, односно сумата која ја добиваат за истото за секој од нив. Но и ова не е точно, бидејќи најверојатно поединците што ова го прават не добиваат никаков надомест. Во 2016 истражувачи од Харвард сфатиле дека повеќето „вумао“ се владини службеници кои пишуваат позитивни пораки како дел од својата работа. Во тој момент имало над 500 милиони вакви пофални постови на социјалните медиуми годишно.

извор

18 март 2021 - 14:15