Приказната за осамениот кит која зборува за нашата осаменост

Има смисла дека ако си поминал низ некакво искуство, или си во некаква посебна душевна состојба, веројатноста да ги забележиш знаците за истото кај другите е поголема. Но што ако илјадници луѓе реагираат со крајна емпатија на сторија за осамен кит, кој реално можеби и воопшто не е осамен? Дали тоа значи дека тие самите се такви?

Во 1992 во северниот Пацифик бил регистриран кит кој од тогаш е наречен „52 херци“. Името потекнува од фактот што животното испушта специфичен звук близу таа бас фрекфенција, само малку повисок од најниската нота на инструментот туба. Забележан е од страна на хидрофони и други инструменти кои ги користи морнарицата за да регистрира евентуални непријателски подморници. „Звучниот потпис“ сигурно доаѓал од кит, но не од нормалниот глас на џиновски кит или сличните на него, бидејќи нивните најгласни звуци се со фрекфенција од 20 херци. Тоа значи дека звукот на овој конкретен кит бил повисок за една октава од вообичаеното. Исто така, изгледало дека околу него нема други китови, што е исто така чудно, бидејќи китовите генерално се социјални животни и често патуваат заедно. Кога еден кит ќе испушти звук, другите одговараат, како да си прават муабет. Но кога овој кит ќе викнел, ниту еден друг не му одговарал.

Вообичаените повици на китовите не можат да се слушнат од човечко уво, па невообичаената фрекфенција на која комуницирал „52 херци“ им се видела згодна на истражувачите, кои на овој начин лесно можеле да го следат. Станало јасно дека китот е на „погрешно“ место, движејќи се со километри оддалечен од миграциските патеки на другите китови, постојано и залудно довикувајќи ги.

Приказната излегла во јавноста, најпрвин преку краток текст во Њујорк Тајмс под наслов „Песна на морето, а капела и без одговор“. Реакциите на читателите главно биле - сиротиот кит. Можеби тој има некоја мутација која не му овозможува „нормална“ комуникација со другарите? Можеби тие го слушаат но се плашат од него?

Со текот на времето приказната се проширила. Некој ја постирал на Фејсбук а под неа за 24 часа се појавиле над 20.000 коментари. Луѓето одеднаш сакале да му помогнат на китот. Една музичарка, Лора Ан Бејтс направила и музика инспирирана од него, под наслов „Најосаменото суштество на земјата“

Некој во Германија напишал и детска книга на темата. Луѓето одеднаш се иденификувале со животот на китот во ладните длабочини, како следните 100 години плива сам.

Но дали е ова само нивна/наша проекција? Како можеме да знаеме дали китот чувствува осаменост и дали е реално сам? Само затоа што не можеме да слушнеме дека има други животни со него не значи дека тие не постојат. Можеби нивната песна не успева да допатува до нас. Најсигурно би ја процениле неговата ситуација ако го најдеме и го видиме. Но океанот е голем, а тој е само звук во него. Никој не го видел, и тоа е речиси невозможно. А што е со опцијата дека едноставно САКА да биде сам(а)?

Никогаш нема да знаеме за китот. Но изгледа сето ова кажува нешто за нас.

23 јули 2020 - 14:45