Aко Колосеумот не ви фаќа око, може и некој од нашите

Посвојте споменик во Рим

Иако не е изграден во еден ден, неговото културно наследство може набргу да исчезне. Од Колосеумот до Форумот, на голем број споменици во главниот град на Италија им треба реновирање. Градските власти имаат решение.

Градот Рим побара 500 милиони евра донации од филантропи, компании и организации кои би сакале да се најдат на списокот мецени на „вечниот град", реставрирајќи некоја од фонтаните или финансирајќи археолошко истражување на бројните потенцијални локации. СОС кампањата се вика „100 предлози за донатори", а предвидените градежни и конзерваторски работи варираат од зачистување, до големи реконструктивни зафати.

Со долгови од 12 милијарди евра, резултат на длабоката (досегашна) корумпираност на градската администрација, Рим не може да си дозволи самиот да излезе на крај со ваков крупен потфат, па оттаму Клаудио Париси, одговорниот за култура во градот, вели дека надежта е насочена кон добрата волја на луѓе од целиот свет, кои ја разбираат „централната улога на Рим во создавањето на Западната цивилизација".

Франческо Пауло Тронка, пак, нешто како в.д. градоначалник поставен од владата по оставката на претходниот градоначалник, Игнацио Марино, веќе има организирано реновирања спонзорирани од луксузни брендови - Фенди го финансираше чистењето на фонтаната Треви, а Булгари плаќа за одржување на Шпанските скали. Најскап проект пак за којшто се бара спонзор во новиот список е создавање шеталиште кое ќе ги следи остатоците од ѕидините на Аурелие, изградени во третиот век пред нашата ера, проект што се проценува на 9 милиони евра. Но има и поевтини а важни зафати, како косењето трева и корнењето плевел на местото на древен пазар околу Трајановиот столб, што би можело да се заврши за само 300 евра (па дури и без пари).

Ако римските споменици не ви фаќаат око, ви предлагаме да посвоите еден скопски. Има само еден услов: така посвоен, да си го однесете дома.

27 мај 2016 - 14:50