ПостСикрет - проект на испраќање анонимни картички со тајни кој трае 20 години

Создаден од Френк Ворен во 2004, овој концепт изгледа како никогаш да нема да запре. Затоа што луѓето секогаш ќе имаат тајни, и исто така секогаш ќе сакаат да ги споделат, особено анонимно, и макар и напишани на самоделски разгледници. Има само едно правило - тајната да е вистинита и никогаш претходно да не е споделена.

Френк Ворен пред повеќе од дваесет години имал поштенска компанија која доставувала медицинска документација. Работата била монотона, и вклучувала секојдневни шапртања до владини институции за да се копираат илјадници страници за фармацевтски компании, адвокатски канцеларии и невладини организации. Сепак, ова му овозможувало нему, на сопругата и на ќерката (имале и куче) удобен живот. Можеле да си дозволат и привремено да згрижуваат деца кои доживувале кризи во своите домови. Однадвор нештата биле добри. Но одвнатре, нешто недостасувало: чувство на авантура, или барем на малку забава. 

Есента 2004, на Френк му паднала на памет идеја за проект. Откако ќе завршел со доставување на документите, возел низ мрачните улици на Вашингтон ди-си со купчиња самоадресирани картички - вкупно 3000. Им пристапувал на туѓинци велејќи: „Здраво, јас сум Френк. Собирам тајни“. Луѓето главно го откачувале, или му велеле дека немаат тајни. Но други биле љубопитни, заинтригирани. Ги земале картичките, и следејќи ги инструкциите кои тој ги оставил до адресата, ги декорирале, црткале на нив и пишувале тајни кои никому не му ги имале кажано претходно. Потоа му ги праќале назад на Френк по пошта. Сите тајни биле анонимни. 

Најпрвин, тој добил назад околу стотина разгледници. Тие раскажувале приказни за неверства, копнеж, насилство. Некои биле еротски. Други биле смешни. Ги поставил на локална изложба и вклучил сопствени анонимни тајни. Но и по изложбата разгледниците продолжиле да пристигнуваат. До денес Френк ги има собрано повеќе од милион. 

За да не мора постојано да организира изложби, тој создал вебсајт, ПостСикрет, каде секоја недела објавува слики од картичките што ги добива по пошта. Сајтот е многу едноставен, бел со црни букви, и нема никакви коментари. Сепак, постои некаква логика на следствието на картичките, како да се чекори низ надреална слика, од светли тонови до мрак и апсурд. 

„Заљубена сум во убиец...но никогаш не сум се чувствувала побезбедно во нечија прегратка“.

„Не можам да се опуштам во мојата када бидејќи имам ирационален страв дека таа ќе потоне во подот“.

Денес Френк има 60 години и живее близу океанот. Во детална статија на Хазлит тој зборува за мотивите зад проектот, како и за неговата еволуција. Во 2011 била развиена и апликација која станала една од најдобро продаваните таа година. Преку неа биле споделени над 2 милиони тајни, но поради внесување на малициозни содржини и нарушување на приватност на трети лица апликацијата била затворена. Тој има напишано и книга, „Мојата тајна“, во која зборува за своите искуства со оваа иницијатива, средбите со луѓето од целиот свет кои биле инспирирани од картичките, и колку луѓе на овој начин се ослободиле од притисокот на некоја тајна. Самите тајни се објавени до сега во шест книги. 

Сакате да му испратите ваша?

5 април 2024 - 20:55