Постои ли посебно сетило за време?

Германски психолог од крајот на 19 век тврдел дека постојат генерални и специјални сетила. Во првите ги сместувал перцепцијата на просторот и времето, во вторите видот и слухот. Според него е наречен закон кој открива интересен аспект на нашиот внатрешен часовник.

Карл фон Вирорд студирал медицина на повеќе европски универзитети. Во 1849 станал професор на Универзитетот во Тибинген. Бил познат по развивањето за тоа време нови техники и алатки за следење на циркулацијата - констуирал „хемотахометар“, апарат за мерење на протокот на крв низ телото, а едно од неговите најпознати дела бил трактат за артерискиот пулс.

Сепак, за нас најинтересен е неговиот придонес кон психологијата на перцепцијата на времето. Во книгата „Експериментална студија на сетилото за време“ тој наведува повеќе експерименти, кои, меѓу другото, го потврдуваат она што денес е познато како закон на Вирорд. Тој накратко вели: луѓето секогаш ги преценуваат кратките траења на времето, а секогаш ги потценуваат долгите.

Ова звучи малку апстрактно, па наједноставен начин за да се објасни е преку музика. Да речеме дека некој ви држи такт - тап, тап, тап, тап - и треба да одредите каде ќе се слушне петото „тап“. Законот вели: доколку темпото е брзо, оној кој погодува ќе задоцни (ќе го прецени количеството време кое поминало). Доколку е бавно ќе порани (односно избрза). Секако, ова се случува несвесно, а точното место е најверојатно да се трефне во темпа кои не се ни премногу брзи, ни премногу бавни. Тој момент се нарекува „точка на индиферентност“ (термин кој најчесто се среќава во економијата, но со друго значење), а според поголем број истражувачи паѓа некаде помеѓу 94-96 удари во минута. Според Вирорд тоа е точката во која „сетилото за време“ точно кореспондира со физичкото време.

Дали ова индиректно значи дека сето останато време сме „распар“ со времето? Или е тоа во расчекор со нас?

29 јуни 2020 - 15:07