Посадивте ли „обетки“?: приказната за фуксијата

Кај нас ги викаме „обетки“, а висечката верзија „балерини“. Научното име го добиле по германски лекар и ботаничар. А бојата „фуксија“ првично немала врска со растението.

Културната историја на фуксиите, или по наше „обетки“, на врвот на нивната популарност во Франција и цела Европа во текот на 19 век, претставува предупредувачка приказна за опасностите од модни трендови во хортикултурата, уметноста и трговијата.

Првиот кој го регистрирал ова растение бил францускиот монах и ботаничар Шарл Плумие, во 1690-тите. Ова се случило при колонијална биолошка експедиција во Западните Инди - регион во Атлантскиот Океан и Карибите кој опфаќа повеќе островски земји - организирана од кралот Луј 14-ти. Плумие го нарекол „новиот“ вид во чест на негов славен европски претходник: германскиот ботаничар од 16 век, Леонхард Фукс.

Идентификацијата и описот на растението, придружено со графичка илустрација, биле објавени во атласот Nova plantarum americanarum genera (Нови американски растителни видови) во 1703. Ваквите слики покажуваат дека главен елемент за идентификација бил цветот.

Првата фуксија почнала да се култивира во Европа во 1780-тите, а раните увезени видови биле собрани од Средна и Јужна Америка. До средината на 19 век растението било одгледувано во Англија, Франција, Белгија и Германија. Истовремено, градинарските списанија, кои ја одредувале модата за секоја сезона, објавувале литографии со прекрасни виолетово-црвени цветови, доказ за хроматската привлечност на фуксиите и во животот, и во уметноста. Ова поттикнало неверојатна побарувачка и за цветовите и за нивните слики.

Еден од заљубениците во фуксии бил францускиот уметник и градинар Клод Моне (за неговата градина од каде користел намирници за готвење пишувавме тука). Токму ова цвеќе му било идеалната „муза“. Во неговата слика „Камиј на прозорецот“, Моне ја портретира својата жена како стои на прагот врамена од саксиски „обетки“.

Во еден момент модата по фуксиите спласнала. Нови типови растенија, како палмите и деликатните орхидеи, ги засениле на преминот од 19 во 20 век. Преголемото одгледување, публицитетот и популарноста во одреден период придонеле фуксиите да се сметаат за „демоде“. Нивното име се меша и со име на боја, иако коренот на второто е поинаков и потекнува од „фуксин“, рано трговско име на супстанцата розанилин хидрохлорид, која произведува сјајна розово-виолетова боја, а која првично немала никаква врска со растението. Производителот на бојата, фирмата Ренар фрере е Франк, сметал дека сличното име со тогаш популарното растение ќе придонесе за продажба на бојата. И бил сосема во право.

28 април 2021 - 15:58