Почина Е. Л. Доктороу, омилениот писател на Обама

„Били Батгејт“ и „Регтајм“ се само некои од славните романи на овој автор-хроничар на американското минато. Антологиска е и неговата изјава, дека „пишувањето е општествено прифатлива форма на шизофренија“.

E. Л. Доктороу, како што го изговараат Американците (кај нас често транскрибиран како Докторов) е најпознат како автор на историски романи, кои главно се однесуваат на минатото на САД. Меѓу нив е „Регтајм", адаптиран во истоимен филм на Милош Форман и во бројдвејски мјузикл, кој зборува за периодот од 1900-1917 и се смета за еден од најдобрите романи на англиски напишани во 20 век. Наградуван и исто така адаптиран во филм со Дастин Хофман, Никол Кидман и Брус Вилис е и „Били Батгејт", за петнаесетгодишно дете од Бронкс, кој станува посинок на мафијаш.

Претседателот Обама, кој го смета Доктороу за негов омилен автор после Шекспир, беше меѓу првите кои искажа почит на Твитер.

Роден како Едгар Лоренс Доктороу во Бронкс во 1931, тој го добил името според Едгар Алан По. Имал руско-еврејско потекло и бил дете кое читало сè што ќе му падне под рака. Првиот роман го објавил на 28 години, но паралелно работел и како уредник во издавачки куќи, и тоа со автори како Норман Мејлер, Јан Флеминг и Ајн Ранд.

Својот стил го опишувал на следниов начин: „Сакам запирки. Мразам точка-запирки - мислам дека ним не им е местото во приказна. Од наводници се имам откажано многу одамна. Ако пишувате како што треба читателот секогаш ќе знае кој зборува". Но антологиска му е оваа: „Пишувањето е општествено прифатлива форма на шизофренија".

22 јули 2015 - 14:05