По повеќе од половина век конечно објавени фотографиите од Македонија на Нил Фолберг

Веста за промоцијата на фотомонографијата „Огледало во Македонија“ на Нил Фолберг на 19 јуни во 19 часот во МКЦ деновиве ќе ја сретнете на повеќе портали. Но во неа недостасуваат најинтересните детали за тоа како после 50 години воопшто се случи некогашниот американски студент повторно да се поврзе со нашата земја. 

Приказната оди вака:

Другар ми испраќа линк од фотографии направени во 1971 во тогашна Социјалистичка Република Македонија (фала Јурук). Нивен автор, се вели во придружниот текст кон галеријата, е Нил Фолберг, кој тогаш имал само 21 година и студирал на Универзитетот во Калифорнија, Беркли. 

Објавувам текст на темата, но тоа некако ми изгледа недоволно. Го наоѓам неговиот мејл и му пишувам. Нил само што наполнил 70 години и веќе загубил надеж дека некој од Македонија ќе го контактира. На времето се обидел да искомуницира со наши институции и да организира изложба, но безуспешно. И покрај богатата кариера на фотограф, желбата да ги објави токму овие фото-записи од прекрасното патување низ Македонија му тлеела половина век. Таа, во моментот на нашиот прв контакт, изгледа блиску до остварување бидејќи (случајно?) монографијата е во фаза на подготовка кај познатиот издавач на ваков тип книги, холандскиот Лектурис.

Разменуваме мејлови и договараме да се „видиме“ онлајн и притоа да снимиме интервју. Резултат е епизода од подкастот „Обични луѓе“ под наслов „Во потрага по најденото време: 50 години старото патување на еден фотограф низ Македонија“. Аудио снимките што тој ги правел во текот на престојот служат за уште една епизода, посветена на фотографот Трифун Карабатак од битолско Маловишта, ученик на Милтон Манаки, со кого Нил зборувал (на српскохрватски) при посетата на Битола истата таа 1971-ва.

Откако го добивам потпишаниот примерок од тазе отпечатената книга на англиски, станува јасно дека следниот логичен чекор е нејзино издавање на македонски. Идејата ја прифаќаат од Арс Ламина  и книгата излегува оваа пролет. 

Нил и неговата сопруга по сето ова одлучуваат да дојдат во Македонија. На 19 јуни (понеделник) во 19 часот во МКЦ кругот започнат пред повеќе од половина век ќе се затвори. Оставајќи малку простор за светлина, доволна за кога ќе се пробие низ објективот да направи запис видлив и по половина столетие. 

Илина, Букбокс

16 јуни 2023 - 13:31