Садо-мазо апликација

Пишувај, или ќе го јадеш!

Прокрастинацијата, или одложувањето на непријатните и тешки обврски, е генерално човечко искушение. Ама сега некој нашол чаре барем за писателите, оние склоните кон пролонгирање на рокот за завршување на нивните текстови и ракописи. 

Write or Die е апликација чија цел е писателите да ги натера да пишуваат, по секоја цена, и без предолги прошетки до фрижидерот или занесено џарење низ прозорецот. 

Таа функционира на следниов начин, кои некои би го опишале и како суров: кога куцањето по тастатурата ќе запре, тоа повлекува казна. Колку строга, тоа зависи од корисникот, кој сам го одбира нивото на самоказнување. „Нежната" опција подразбира дека пред очи ќе ви излезе учтива порака која ќе ве потсети дека е време да продолжите со пишувањето. Во „нормалната", апликацијата почнува да емитира непријатен звук, кој запира само ако продолжите да пишувате. Во „камикази" опцијата апликацијата почнува со уништување на претходно напишаното - зборовите почнуваат да се бришат сами од себе. Пораката е јасна: или ќе пишуваш, или ќе го јадеш.

Write or Die почнала како десктоп верзија, но оваа есен стана достапна како апликација за ајпад. Требаше да помине некое време за позитивните ефекти на оваа бич-божји алатка да станат очигледни. Хелен Ојејеми, британска писателка чиј роман „Г-дин Фокс" тукушто излезе од печат, запрашана во Гардијан за тоа како пишува, одговорила дека ја користи апликацијата затоа што „понекогаш стравот е единствениот мотиватор".

Апликацијата чини 9.99$. Ама што се однесува до нас, во моментов и не ни е нешто потребна. Внатрешниот „пишувај или умри" механизам за секојдневно објавување нешто на сајт засега си работи сосема добро, и си го врши потребниот притисок. Секаков дополнителен, од типот на поп-скрин потсетници или аларми ќе значи не дека ние ќе го јадеме, туку дека ќе го јаде лаптопот. Дур лета низ џам, стравот од тоа дека ништо не сме напишале дента ќе исчезне, ко никогаш да не бил.

14 јуни 2012 - 23:04