Писател купил 400 копии од своја книга и загубил место на бестселер листа

Се вика Марк Доусон а неговиот трилер „Чистачот“ до скоро беше на топ-10 листата на Сандеј Тајмс. Односно до моментот кога беше откриено дека работата, наспроти насловот, не е баш чиста.

Романот „Чистачот“ е издаден од независната издавачка куќа Велбек, а нејзиниот автор, Марк Доусон, го привлекол вниманието на надлежните за следење на продажбата на книги откако на својот подкаст изјавил дека нарачал 400 копии од истиот (и тоа во тврд повез).

Самиот објаснил дека бил мотовиран да го стори ова откако сфатил дека се наоѓа на 13-тото место на списокот на продадени книги кој го води компанијата Нилсен, а кој се смета за меродавен за издавачката индустрија во Британија. Веднаш по овој потег, книгата се нашла и погоре на листата на Нилсен, но и на осмото место на топ-листата на Сандеј Тајмс, за прозни изданија во тврд повез.

Откако негови колеги-автори и медиумите го прозваа за изигрување на системот, издавачот Велбек изјавил дека чекорите преземени од Доусон биле едноставно одговор на побарувања за примероци од неговите фанови од целиот свет, кои тој наводно самиот сакал да им ги испрати, бидејќи за време на пандемија нарачките биле отежнати, особено кога станува збор за Австралија и САД.

„Да сакав да го изиграм системот ќе купев 10.000 примероци, ќе си ќутев и сега ќе бев број еден“, изјавил авторот. Неговата „Чистачот“ е дури 18-та во серијата романи за платениот убиец Џон Милтон. Пред да се занимава со пишување Доусон работел како адвокат.

22 јули 2020 - 15:11