Пердувеста симфонија - новозеландски оркестар свиреше за кокошки

Не се мисли на „кокошки“ во форма на шмизли од женски род, туку на реални домашни птици. На фарма во Нов Зеланд е компонирана и изведена композиција специјално за нив и нивната благосостојба. Ако се најде јунак, во околина на Скопје препорачуваме една фарма за кози, каде се произведува одлично сирење. 

На фармата Хок Беј во Нов Зеланд, членови на државниот симфониски оркестар, облечени како за свечен концерт, во петокот застанале во оросената трева за премиерно да ја изведат својата најнова композиција. Публиката: добро ухранета и крајно мирна, без да мафтаат со мобилни и да ракоплескаат онаму кадешто не треба.

Музиката содржела барокни елементи, но на моменти инструментите „загребувале“ испуштајќи звуци кои почесто се слушаат во кокошарници отколку на сцени на аудиториум. Ова нарушување на традицијата не довело до летање пердуви, иако слушателите се состоеле од неколку илјади кокошки.

Композицијата под наслов Чук Симфонија број 1 била креирана посебно за птиците, во необично партнерство помеѓу оркестарот и органската фарма на кокошки која сакала да им пружи посебно задоволство на своите жители. Сопствениците со години им пуштале музика на звучници, но сега сакале посебно дело напишано само за нив. 

Композиторот е Хамиш Оливер, кој црпел инспирација од барокните Корели, Бах и Шнитке, но оваа традиција ја комбинирал со звуци од светот на птиците. Додека ја пишувал ја тестирал на слушателите и бришел делови кои изгледало дека ним не им се допаѓаат, како на пример оние со удирачки инструменти. 

Иако сето ова може да изгледа како зафрканција, организаторите сакаат да уверат дека музиката не е само за благосостојба на човечкиот дух, туку на сите суштества. Тие, кокошките, веднаш се собрале околу музичарите штом овие почнале да свират, а тие велат дека ова за нив било „освежувачко искуство“.  

10 октомври 2023 - 08:16