Необични пејсажи

Остани ѓубре до крај

Ако денес одите некаде на излет, не заборавајте по себе да си го соберете ѓубрето. Освен што со тоа ќе ѝ направите добро на природата, отпадот после можете да го искористите за креативни цели. Пример да ги искористите испиените стаклени шишиња пиво за - да купите уште пиво.

Jao Лу изработува дигитално манипулирани фотографии на пејсажи. Ама не чисти извори, мирни мориња или зелени шуми, туку - купишта ѓубре. Тој го собира отпадот сам, го покрива со зелена заштитна мрежа, а потоа го фотографира така за да изгледа дека се работи за огромна депонија.

Финишот на целата атмосфера го постигнува со симулирање блага маглина околу ѓубрето, што заедно со другите елементи (кружниот облик и печатите) прават неговите слики да потсеќаваат на традиционалните кинески. Поентата е да се претстават радикалните промени во животната околина, во Кина и во светот, како резултат на забрзаната и безмилосна урбанизација.

„Сакам да кажам дека светот треба да стане похармоничен. Моите мисли секогаш се движеа околу проблемот на конфликтот. Рамката на сликата ја оставам таква за да предизвика убаво чувство, но внатре има елементи на ѓубре и прашина. Морам постојано да си го прилагодувам пристапот за овие две работи да делуваат конзистентно", изјавил Лу, кој се опишува себеси како репортер, чија алатка е фотографијата.

1 мај 2013 - 07:25