Нова книга на Уелбек во која го нарекува Трамп „добар претседател“

Во средата, 7.10, во Франција излезе нова збирка есеи на Уелбек, под наслов „Интервенции 2020“. Меѓу нив и такви со за многумина скандалознa поддршка на Трамп и на француски полемичар-исламофоб.

„Интервенции 2020“ (засега објавена само на француски) содржи гледишта на Уелбек во однос на повеќе социјални теми. Ова е трето, проширено издание на книга под сличен наслов, „Интервенции“, која се појави најпрво во 1998 а потоа и во 2009, секогаш освежена со нови текстови. Aвторот ветува дека нема да има четврто издание, освен „во случај на сериозна морална итност“. Сепак, не ветува дека ќе престане да мисли.

Есеите се подредени хронолошки, а во нив според критичарите секогаш има ставови кои се директно насочени кон мејнстримот, на начин кој ја покренува машинеријата на привлекување внимание и иницирање дебата.

Овој пат книгата содржи две тазе провокации кои сигурно ќе ги исполнат очекувањата за контроверзи. Првата е поддршка на францускиот полемичар осуден за ширење говор на омраза, Ерик Земур, кој е повторно под истрага откако минатиот месец изјавил дека малолетните мигранти се сите до еден „крадци, убијци и силувачи“ и дека треба да бидат исфрлени од Франција.

Уелбек го поддржува Земур во својата книга како „најинтересниот современ аватар на не-христијанските католици“ кои одат во црква без да веруваат во Бог и го споредува со Лео Напта, тоталитарниот еврејски свештеник во романот на Томас Ман, „Волшебниот рид“.

„Лошото остарено дете“ како што го нарекуваат Уелбек, во новата книга исто така го слави Трамп како „добар претседател“, кој води неконвенционална дипломатија, и се противи на ЕУ. Овој текст беше објавен во Харперс магазин минатата година, а и повеќето други се претходно објавени, иако можеби само на француски и во опскурни списанија.

Под гореспоменатата „итност“ поради која Уелбек би бил мотивиран повторно да пишува есеи се подразбира само една тема - обидот да се легализира еутаназијата.

10 октомври 2020 - 11:06