На 91 почина човекот кој прв направи бизнис од аудио-книги

Се викал Дивал Хект, и во животот немал многу време за читање. Бил воен пилот, добитник на Олимписки медал за веслање, магистер по новинарство од Стенфорд, за во 1960-тите да почне да работи во брокерска фирма. Ова подразбирало долги дневни возења до и од работа. Тогаш му дошла идеја.

Aко ја посетите страницата на Википедија на Дивал Хект, првата информација за него е дека бил американски натпреварувач на летната Олимпијада во Мелбурн во 1956, а од таму донел злато за екипата во веслање. Но веднаш по оваа информација следи таа дека во 1975 ја формирал компанијата „Книги на лента“ (Books on Tape), која во тоа време пионерски ги промовирала аудио книгите снимени на касети за поширока јавност.

Хект дошол на оваа идеја додека возел по еден час во секој правец од својата куќа во Њупорт Бич до центарот на Лос Анѓелес каде работел како банкар. Работата му била здодевна споредено со неговата претходна биографија, која освен Олимпијадата вклучувала и пилотирање во американското воено воздухопловство, и магистратура по новинарство на Стенфорд. Но уште поздодевно било секојдневното возење кое му изгледало како губење време. На совозачкото седиште тој некако приклучил касетофон и слушал снимки на книги кои биле креирани за луѓе со оштетен вид. Толку многу уживал во ова, што решил самиот да снима книги на касети.

Го продал своето Порше и ја основал „Букс он тејп“ во 1975, што на почетокот предвидувало само изнајмување касети за слушање од домот на Дивал и неговата сопруга Зигрид. Ова се совпаѓа со појавата на вокменот во 1980, што на компанијата ѝ помага да го развие бизнисот на аудио книги. Во 2001 година во каталогот имало 6000 наслови, а вредноста на фирмата изнесувала 20 милиони долари. Во еден момент Хект решава да ја продаде на Пингвин Рендом Хаус.

Интересно е што после ова не ни помислил на пензија, туку се зафатил со сосема друга работа - возел огромни камиони низ САД, не за друго, туку за да може да слуша книги. Починал спокојно, во својот дом на 91 година. 

10 март 2022 - 08:02