Музеј им исплати крави на припадници на народот Масаи затоа што изложувал нивни семејни предмети

Музејот Пит Риверс од Оксфорд минатиот викенд им додели „симболичен подарок“ на семејства од Кенија и Танзанија, чии семејни предмети биле изложени во поставката. Ова е дел од проект кој треба да промовира „пропорционални односи“ со домородните народи чие наследство е претставено во музејските збирки. 

Во местото Лоита, југозападно од Најроби близу границата со Танзанија изминатиот викенд беше одржан необичен настан. Британскиот музеј Пит Риверс низ пет одделни церемонии им додели 98 крави на членови на семејства од племињата Сулулу и Мпаима, а крави добиле и семејства од северна Танзанија и Кенија. Сите тие се подгрупи на поголемата заедница на Масаите. 

Активистот за човекови права од редовите на овој народ, Самвел Нангирија, го посетил Музејот во 2017 и открил дека таму се изложени сензитивни семејни предмети. Станува збор за ѓердан и алка кои се наследуваат од татко на син, обетка и орнамент за глава кои ги носат младите жени по обредот на обрежување и украс за на грло кој се носи од мажени жени. Тие според обичаите на Масаите никогаш не смеат да се позајмуваат, да се продаваат или да се подаруваат, бидејќи во спротивност носат лоша среќа не само за поединецот туку и за семејството. 

По реакцијата, раководството на музејот се консултирало со постарите членови на спомнатите заедници и со нивните верски водачи, кои го предложиле спомнатото решение. Кравите биле спонзорирани од Стејплс Траст, кој го финансирал проектот.

Музејот Пит Риверс поседува дури 95.327 предмети од Африка. Од нив 188 им се припишуваат на Масаите. 

12 јули 2023 - 18:37