Можни ли се психолошки „вакцини“?

Психолошките инокулации се слични на медицинските. Изложувањето на некој на ослабена доза на психолошки „вирус“ (на пример на лажни вести) поттикнува производство на ментални „антитела“, кои би требало да изградат имунитет на идни инвазивни напади. Делува некако логично - во теорија.

„Инокулациската теорија“ oбјаснува како личните ставови и убедувања можат да се направат поотпорни на идни предизвици. За ефектот да биде постигнат, примателот треба да чувствува закана кон воспоставеното убедување и да биде поттикнат да го брани. Аргументите во пораката оттаму треба да бидат доволно силни за да иницираат мотивација да се задржи сопственото убедување, но и доволно слаби за примачот да биде во можност да ги одбие нападите.

Оваа теорија е проучувана и тестирана во текот на повеќе децении, а денес се користи како алатка од оние кои се обидуваат да го моделираат или манипулираат јавното мислење во повеќе области: политика, здравствени кампањи, образование.

Самиот термин „инокулација“ се користи како синонимен за вакцинација, но е влезен во медицинскиот англиски јазик преку латинскиот термин in+oculus (око), кој оригинално се користел за калемење, буквално спојување на „око“ од едно растение на друго.

Идејата на инокулациската теорија е дека ако луѓето не се стигматизираат и омаловажуваат, туку им се овозможи да станат свесни за сопствената ранливост, тогаш тие постепено ќе градат „антитела“ на дезинформации. Ова е поуспешно ако се прави во симулирана околина на социјални медиуми.

За оваа цел група истражувачи развиле серија онлајн игри во кои играчите учат како функционираат дезинформациите одвнатре, со тоа што се поттикнувани да создаваат сопствени лажни вести. Игрите постојан онлајн и можат да се играат бесплатно на Bad News (во врска со генерални дезинфомации), Harmony Square (политички лажни вести) и Go Viral!, специфични вести поврзани со Ковид-19. Резултатите се објавени во стручното Списание за експериментална психологија, под наслов „Долгорочната ефективност на инокулацијата против дезинформации: три лонгитудинални експерименти“

Според авторите, и покрај сето ограничување на концептот (достапност на интернет, желба да се играат вакви игри итн.), самата игра функционира како еден вид „виртуелна игла“, па оттаму подразбира и глобална „вакцинациска програма“, низ игри и видеа преку кои би се ширеле микро-дози на лажни вести на чија лажност секако би било укажано. Целта е да се развива имунитет на „стадото“, но овој пат психолошки.

21 јануари 2021 - 13:25